Не биди ѓубре во петок одбележува една година постоење

Иницијативата Не биди ѓубре во петок (12 јули) од 19 часот организира симболична акција во паркот кај Жабар, позади Влада, а потоа и забава во Коузи бар, за да одбележи една година постоење.

Пред точно една година, на иницијатива на актерката Ирена Ристиќ, се собраа неколку граѓани почнавме со „чистење“ на градот, собирање пикавци, метење… Целта беше да се подигне свеста кај населението но и институциите. Да покажа дека состојбата со сметот е алармантна и треба да го смениме односот и да обрнеме малку повеќе внимание на заштита на животната средина и чистотата.

Иницијативата брзо се прошири низ целата земја, а се вклучија граѓани од различни генерации, активисти, културни работници, новинари, професори…

„Никој од нас не беше свесен со што ќе се соочиме. Не само во Скопје, туку и во целата држава. Метлите моравме да ги замениме со гребла, лопати, вили… Багер се уште немаме но кога ни треба во пресрет ни излегуваат нашите подржувачи кои располагаат со таква механизација. Така се случи НБЃ. Иницијатива која опстојува точно една година“, соопштија од иницијативата преку социјалните мрежи, кои беа обединувач и информатор за активностите во изминатиов период.

Иницијативата потенцира дека на настанот ќе се продаваат маички и беџови. Поканети се сите – и оние што биле, и оние што не се дел од Не биди ѓубре.