Научници открија кандидат за „елементот кој недостасува“ во центарот на Земјата

Јапонски научници веруваат дека го утвриле идентитетот на „елементот кој недостасува“ во јадрото на Планетата Земја. Преку повторно креирање, на високи температури и притисок какви што постојат во длабоката внатрешност на планетата, експериментите потврдиле дека најверојатно се работи за елементот силициум.

Потрагата по елементот трае повеќе децении, со верување дека тој е содржан во значителни пропорции во центарот на планетата, по железото и никелот. Откритието може да помогне во подобро разбирање како е формирана нашата планета.

„Веруваме дека големиот елемент е силициум. Околу 5% од земјиното јадро според тежината е силициум растопен во легури на железо и никел“, изјавил за ББЦ водечкиот истражувач Елџи Отани, од Универзитетот Тохоку.

Централниот дел од Земјата се смета за цврста топка со радиус од околу 1200 километри. Тоа е предлабоко за да се истражува директно, па научниците проучуваат како сеизмичките бранови патуваат низ тој регион за да откријат од што е составен.

Главно се работи за железо, кој сочинува околу 85% од тежината и никел кој учествува со 10% од земјиното јадро.

За останатите 5%, Отани и неговиот тим направиле легури на железо и никел и ги помешале со силициум. Потоа ги подложиле на огромен притисок и температури, какви што постојат во внатрешноста на јадрото. Тие откриле дека ваквата смеса се совпаѓа со сеизмичките податоци кои ги добивале од центарот на Планетата.

Сепак, Отани дополнува дека се потребни дополнителни истражувања за дефинитивно да се потврди присуството на силициум, додека тоа не исклучува и присуство на други елементи.

„Овие тешки експерименти се многу возбудливи бидејќи ни овозможуваат прозорец кон тоа како изгледала внатрешноста на Земјата кратко по нејзиното формирање пред 4,5 милијарди години, кога јадрото почнало да се одвојува од цврстите делови на Земјата“, вели професор Симон Редферн, од Кембриџ Универзитетот, коментирајќи го истражувањето.