Настапите на „Shopping“ и „Viagra Boys“ на „Здраво млади“ одложени за 2021 година

МКЦ информира дека иако работат на програмата и реализацијата на фестивалот „Здраво млади“ речиси полни 10 месеци, сепак на крајот, поради ситуацијата со коронавирус пандемијата се случија и неколку измени. Една од членките на музичката група „Shopping“ е „заглавена“ во САД и тие својот настап во Скопје се принудени да го поместат за 2021 година.

„Ве нформираме и за уште едно програмско ‘пореметување’, кое нас најмногу нѐ боли. Иако ги најавивме уште во февруари годинава, поради комплицираните ковид-процедури (карантински протокол) при враќање во нивната земја, настапот на ‘Viagra Boys’ го одложуваме за ‘Здраво млади 2021’“, велат од МКЦ.

Во непосредна комуникација и соработка со нивниот менаџмент, МКЦ утврдиле дека момците од бендот заслужуваат да го „раздрмаат“ Скопје без дополнителна протоколарна пресија, а Скопје ги заслужува нив во најдобро светло.

„Се надеваме дека ќе најдете разбирање и за нас како организатори, и за оваа нивна одлука. Сепак, шоуто мора да продолжи, би рекол доајенот на спортското новинарство Златко Калински“, потенцираат од МКЦ.

Инаку, овогодинешното 10. издадение на фестивалот е закажано за 27 август во паркот на МКЦ. Таму ќе настапуваат Efterklang од Данска, Lalalar од Турција, DJ FITZ од Ирска и домашните адути, кои премиерно настапуваат на Здраво млади: PMG Kolektiv и Funk Shui. Тука е и самостојната изложба на Sali Ertunc, насловена „25-тата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“.

Фестивалот ќе се одржи под здравствени протоколи. „Здраво млади“ е поддржан од Град Скопје, Министерство за култура и Делегацијата на Европската Унија.

Билети по цена од 500 денари се продаваат на билетарница во МКЦ и онлајн.