Настанот „Види музика, слушни слика, добиј книга“ одложен за вторник

Наместо утре, како што беше најавено, осмото издание на традиционалниот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“, е одложено за вторник, 23 јуни. Како што појаснуваат организаторите, настанот е поместен за неколку дена поради најавите за лоши временски услови, со оглед на тоа што се одржува на отворено, во Градскиот парк.

Овој пат, организаторите на настанот, Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, ќе го претстават проектот „Бродвеј под ѕвездите“ кој во една вечер ќе ги донесе вокалните и инструменталните хитови од најпознатите филмувани мјузикли, како „Валкан танц“, „Телохранител“, „Чикаго“, „Волшебникот од Оз“, „Кралот и Јас“, „Ох, Кеј“, „Мала ноќна музика“, композиции кои одамна се сметаат за џез-стандарди на големите музички мајстори како Гершвин, Роџерс, Арлен, Хамерстајн или Сандхајм. Публиката ќе има можност да ги слушне и увертирите „Кандид“ на Бернштајн и „Смешно лице“ на Гершвин, како и еден симпатичен сплет од најпознатите хитови на легендарната шведска поп група „Аба“.

Македонската филхармонија ќе настапи под диригентство на маестро Борјан Цанев, додека солист на концертот е популарната вокалистка Сара Костадиновска која музичката публика ја познава како Сара Мејс.
Следејќи ја традицијата, и овој пат на огромни платна покрај сцената инспирацијата од музиката ќе ја пренесат двајца ликовни уметници. Годинава честа за тоа им припадна на сликарите Милан Андов и Стојан Ѓуриќ. На настанот ќе бидат поделени и 20 илјади примероци од книгата „Фигури“ од новелистот и поет, Јан Неруда, еден од најистакнатите ликови во литературните кругови во Чешка во втората половина на 19.век.