НАСА: Сондата Џуно влезе во орбитата на Јупитер

Сондата Џуно на американската вселенска агенција НАСА влезе во орбитата на Јупитер, по пет години откако ја напушти Земјата, за да го започне истражувањето на најголемата планета во Сончевиот систем.

Серија на радио сигнали испратени од вселенското летало потврдија дека маневарот за влез во орбитата е изведен како што беше планирано, што предизвика огромна радост и аплауз во Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена, Калифорнија.

„Џуно, добредојде на Јупитер“, рече Џенифер Делавен од контролата на мисијата од компанијата Локид Мартин која ја направи сондата.

Научниците планираат да го искористат леталото за да ја истражуваат длабоката внатрешност на планетата. Тие сметаат дека структурата и хемијата на нејзините внатрешности, имаат одговор на прашањето како овој огромен свет се формирал пред четири и пол милијарди години.

Ова епрво летало кое слетува на Јупитер, бидејќи неговите силни радијациски бранови можат да ја уништат електрониката. Но, сондата е изградена како тенк, со обвивка од титан.

Леталото е тешко 3,6 тони, работи на соларна енергија и се движи со брзина од 64 километри во секунда. Мисијата чини 1,1 милијарди долари и ќе трае 20 месеци.

Јупитер е петтата планета од Сонцето, а околу неа кружат 67 месечини. Постои надеж дека леталото ќе открие и некои нови објекти кои кружат околу џиновската планета.

Проучувањето на Јупитер е значајно и по тоа што сознанијата за оваа планета ќе дадат одговор за создавањето на Сончевиот систем. Инаку, името на сондата Џуно доаѓа од римската митологија, според која, Џуно е сопруга на Јупитер.

Претходно, сондата регистрираше звуци додека влегуваше во магнетното поле на Јупитер.