НАСА преименува улица во чест на три црни математичарки

НАСА, американската вселенска агенција, го промени името на една од улиците пред нејзиното седиште во Вашингтон во „ Hidden Figures Way“ во чест на Афроамериканките математичарки Кетрин Џонсон, Дороти Воган и Мери Џексон. Нивната работа одигра клучна улога против сегрегацијата во 50-тите и 60-тите години од минатиот век и во исполнување на една од најпрославуваните мисии на агенцијата.

Нивната приказна е темата на книгата на Маргот Ли Шетерли „Скриени фигури“ („Hidden Figures“), а подоцна и на истоимениот филм на Теодор Мелфи. Филмската адаптација која беше номинирана за три Оскари ја раскажува приказната за афро-американските жени и дискриминцијата со која постојано се соочувале.

Тед Круз, американски сенатор во Тексас, е човекот кој иницираше промена на името на улицата по премиерата на филмот.

„Сметам дека е важно да се препознае сечиј труд. Жени и мажи од сите етнички заедници и раси имаат неизмерно многу придонесено во ова патување на НАСА. Од огромна важност е да испратиме порака до сите млади и деца дека нема граници кога станува збор за вашите амбиции и можноста да го постигнете она што го сакате“, додава Круз.

НАСА прв пат вработи Афро-американци во 40-тите години од минатиот век, но тие постојано се соочуваа со расизам, сегрегација и многу други проблеми поради нивната боја на кожа.Во 50-тите, математичарите биле познати како „компјутери”, а Афроамериканците како „обоени компјутери”. Афроамериканските жени во компјутерскиот оддел на НАСА беа одделени од нивните бели колешки дури и кога работена на мисии како таа со Алан Шепард, првиот Американец во вселената, и Џон Глен, прв во орбитата на Земјата.

Агенцијата следниот месец ја прославува 50 годишнината од мисијата Аполо 11 и првото слетување на месечината. Сите 12 луѓе кои зачекорија на месечината во таа мисија беа бели Американци.