НАСА планира првата жена да стапне на Месечината до 2024

Американската вселенска агенција (НАСА) објави план според кој нивна мисија треба повторно да се врати на Месечината до 2024 година.

Како дел од програмата со која луѓето треба да слетаат на најблиското небеско тело до Земјата за прв пат по 1972 година, НАСА планира да испрати жена, што би значело дека таа би можела да биде првата астронаутка која би стапнала на Месечината.

Буџетот за програмата наречена „Артемис“ изнесува 28 милијарди долари, а астронутите до Месечината треба да патуваат со капсула наречена „Орион“ која ќе биде лансирана од моќната ракета наречена „СЛС“. Сепак временскиот рок од 2024 зависи од американскиот Конгрес кој треба да одобри 3,2 милијарди долари за изградба на посебен систем за слетување.

Минатата година администраторот на НАСА, Џим Бриденстин, рече дека првата жена астронаут која ќе чекори на Месечината ќе биде некоја која веќе има доволно искуство и која веќе била во Меѓународната вселенска станица.

Според новите документи, првата фаза од мисијата предвидува беспилотен тест лет околу Месечината во есента 2021 година.