Народна банка со конкурс за годишната награда за млади истражувачи

Народната банка на Република Северна Македонија го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година.

Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.

Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македнонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:

  • апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
  • осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
  • опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
  • анализа;
  • заклучни согледувања и
  • библиографија.

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, додека втората награда изнесува 50.000 денари, а крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2021 година.

Сите детали за Конкурсот се достапни на следниов ЛИНК.