Претставници на Независниот академски синдикат (НАкС) на средба со министерот за образование и наука Арбер Адеми побарале барање за интервентно покачување на платите во висина од 20%, за што била понудена проекција на буџетското зафаќање. Исто така, бараат висината на платите да се пресметува согласно минималната плата во Република Македонија помножена со соодветен коефициент за секое звање, а коефициентот за звањето редовен професор да изнесува најмалку 5.
НАкС преку соопштението до јавноста потенцира дека ја поздравуваат одлуката на Владата за отпочнување на процесот за покачување на платите во секторот образование, кој, велат тие, е клучен за развојот на општеството.
Сепак, нагласуваат дека во изминатиов период, покачувањата се однесуваа само на основното и средното образование.
„Претставниците на НАкС ги изложија анализите и аргументите за потребата од конечно покачување на платите во овој сектор. Конкретно, беа претставени анализи за буџетскиот раст од 34% во пoследните 10 години во Република Македонија, наспроти порастот на просечната плата во РМ од над 13%, и занемарливиот раст на платите на вработените во високото образование и науката. Беше направена и анализа на платите во јавната администрација и неконзистентноста на платите во јавниот сектор, анализи на неоправданоста за малите плати во оние институции кои немаат сопствени средства, а беше и укажано дека постојат огромни и неоправдани разлики во примањата помеѓу професорите и истражувачите вработени на различни јавни високообразовни и научни установи, како и во единиците на една иста установа. Беа презентирани и компаративни податоци за примањата на професорите и наставно-научниот кадар во соседните држави наспрема просечните плати во тие земји“, соопштува НАкС.
Од НАкС пред министерот изложиле алтернативен, скалест модел на пресметка на буџетските издвојувања за платите на вработените во високото образование и науката.
Доколку ваквиот модел се спроведе во вид на системска промена, НАкС цени дека на подолг рок би се анулирала неправедната нееднаквост на платите, без прекумерни буџетски импликации.
„Исто така, изложивме несогласување со предвиденото покачување на платите во високото образование и науката од страна на Владата. НАкС смета дека предвидените 5%, и тоа од септември 2019, ни оддалеку нема да го ублажи растечкото незадоволство на вработените ниту, пак, ќе го реши проблемот со неатрактивноста за младите кадри, како и одливот на постоечките квалитетни кадри од овој исклучително значаен сектор за развој на општеството во целина. НАкС, како и секогаш досега, изрази подготвеност да понуди соработка и стручна помош при изнаоѓањето модуси за решавање на прашањето за покачување на платите во високото образование“, се вели во соопштението на НАкС.