„Најголемиот потфат во историјата на алпинизмот“ – Планинари од Непал за првпат го искачија К2 во зима

Тим на 10 планинари од Непал станаа првите во историјата кои го искачија врвот К2 во зима, соопшти алпинистичката организација која го предводеше потфатот.

Последниве неколку недели шеесетина планинари се натпреваруваа во тоа кој ќе биде првиот што ќе го искачи вториот највисок врв во светот (8.611 метри) на планинскиот масив Каракорум и единствениот врв повисок од 8.000 метри кој не бил освоен во зимски услови.

„Успеавме. Патешествие до врвот кое досега не било видено во историјата. Ова е најголемиот потфат во историјата на алпинизмот и е одличен пример за тимска работа. И благодариме на планината што ни го дозволи ова искачување – ако планината те пушти да ја искачиш, никој не може да те сопре“, напиша на Фејсбук Шерпасот Чанг Дава, менаџерот на експедиции од организацијата „Седум врва“ (Seven Summit Treks).

16 Jan 2021

WE DID IT, BELIVE ME WE DID IT- JOURNEY TO THE SUMMIT NEVER DONE BEFORE
The Karakorum’s ‘Savage…

Posted by Chhang Dawa Sherpa on Saturday, January 16, 2021

Од првиот обид во 1987-1988 година, само мал број зимски експедиции се имаат обидено да го искачат врвот висок 8.611 метри на границата помеѓу Пакистан и Кина. Никој од нив досега се немаше искачено повисоко од 7.650 метри, а добрите услови денеска дозволиле планинарите да се одлучат да ја совладаат последната делница.

К2 е познат и под називот „дивата планина“ со ветришта кои на врвот знаат да достигнат и до 200 километри на час и температури кои се спуштаат до -60 целзиусови степени.

Оваа зима четири тима со околу 60 планинари се обидуваа да го остварат ова историско достигнување, што е најголем број од сите претходни експедиции заедно.

10-те непалски планинари претходно беа поделени во различни тимови, но формираа нова група со цел да го освојат врвот во името на Непал.