Најава за кривични пријави за 49 лица во Охрид поради „непочитување на здравствените прописи“ за Водици

Поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување по здравствени прописи за време на епидемија“, полициски службеници вчера извршиле проверка на 49 лица во месноста „Сараиште“, за време на празникот Водици, а по целосно документирање, полицијата најави дека ќе поднесе соодветна пријава.

Традиционалното фрлање по крстот кое се случува на празникот Водици годинава изостана поради пандемијата со Ковид-19, но дел од граѓаните сепак влегоа да се искапат во Охридското Езеро. Годинава, поради пандемијата, за првпат наместо во езерските води, крст се фрлаше во црковниот казан во храмот „Св. Никола Геракомија“.

Празникот на овој начин, се одбележа само во црковните храмови, по одлуката која беше донесена од Дебарско-кичевската епархија. Општина Охрид претходно упати апел до граѓаните да се воздржат од масовни собири и организирано капење.

„При посетата на храмовите задолжително да се почитуваат препораките за заштита, да се носат  маски и да се одржува дистанца. Да бидеме одговорни и да го прославиме овој празник во кругот на најблиските!“, стои во нивното соопштение објавено на 16 јануари.

Во центарот на градот, вчера можеше да се забележи и зголемено присуство на полицијата. Но, впечатлива беше и разликата со минатите години, кога просторот на кејот на Охридското Езеро и центарот беа исполнети со многубројни домашни и туристи од регионот.

фото: Радио МОФ

Владата претходно донесе одлука со која се забрани групирањето на јавен простор на повеќе од четири лица преку целиот ден, како дел од мерките за спречување на ширењето на Ковид-19.