„Нахрани 10.000“ – голема хуманитарна акција за донирање храна до социјално загрозени граѓани

На 6 септември со почеток во 10 часот, па се до 19 часот ќе биде организирана голема хуманитарна акција на 33 пунктови за донации поставени низ Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница.

Граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“ ја поддржа Националната хуманитарната акција „Нахрани 10.000“ за собирање храна, која е во организација на мрежата „Сите сити“, а чиј идеен творец е Асоцијацијата „Ајде Македонија“. Целта е да се подигне свеста на граѓаните за проблемот со недостаток на храна со кој се соочуваат многу граѓани во нашата земја, како и да се креира можност редовно да се донира храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно на 10 тони храна која ќе заврши во рацете на оние на кои им е најпотребна. Дел од организациите вклучени во овој проект работат со бездомни лица, и за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот. Останатиот дел од организациите се задолжени да ја дистрибуираат храната до социјално загрозените семејства и до старите изнемоштени лица до нивните домови.

„Идејата е секој месец да се случува настанот „Нахрани 10.000“. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно. Наша цел е оваа акција да биде дисперзирана во речиси сите градови низ земјава, не само во Скопје. Храната е основно човеково право, а веруваме дека македонските граѓани се хумани луѓе и дека безрезервно ќе ја поддржат оваа акција да донираат за нашите сограѓани, кои не можат да си приуштат повеќе од еден оброк дневно“ велат организаторите.

Во апелот од организаторите се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна, која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Акциите ќе се случуваат на следниве локации:

Сити Мол Скопје, Трговски центар Зебра – Капиштец, Гиго маркет – Радишани, Веро Џамбо – Скопје, Гиго маркет Драчево, Тинекс на бул. Борис Трајковски (Првомајска), Народна кујна при црквата Свети Петар и Павле, Тинекс Ѓорче Петров, Кит-Го маркет Автокоманда, С-маркет во Ченто (Синѓелич), во близина на Капитол мол (Аеродром), Тинекс пред Драмскиот театар во Скопје, Тинекс на ул. Асном б.б. Во Битола, Тинекс на ул. Захарија Шумљанска 5 (Прилепска) во Битола, Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.) во Битола, Кам маркет 1 (на ул. Васко Карангелески б.б.) во Битола, Кам маркет 2 (на ул. Коле Неделковски б.б.) во Битола, Веро Горно во Битола, Пред Беком Јавор во Битола, Тинекс (центар) во Куманово, пред Елида маркет (кај Стопанска банка) Куманово, на плоштадот во Прилеп, кај споменикот на Марко Цепенков во Прилеп, Пред Тинекс маркет во Кочани, пред автобуската станица во Кочани, Маркет Здравец (до главната пошта во Струмица), кај техничкото училиште-Никола Карев (Струмица), на плоштадот Гоце Делчев во Струмица, плоштадот во Радовиш, пред ЕТЦ маркет во Гостивар, пред Монтенегро мегамаркет, во центарот на градот во Гевгелија, Централ Макпрогрес (кај стариот плоштад) во Виница и пред Жито Маркет во Виница

Според Државниот завод за статистика во Македонија имаат проблем да обезбедат храна 445,099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26 000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмалку 11.6 милиони евра што може да се искористи како нова програма за социјална заштита.

Организациите членки на „Сите сити“ водат евиденција на различни категории на социјално загрозени граѓани, кои имаат потреба од оваа храна. Храната ќе се пренесува во вид на неделни/месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, дел ќе се носи до нивните домови. Податоците со кои располагаат организаторите за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени директно од Заводот за статистика во однос на просечни примања по 4-члено семејство во Македонија. Кога ќе се распредели во денови и оброци, а притоа се спореди со цената на чинење на еден нутритивен оброк определена од Министерство за труд и социјална политика, 1 од 5 луѓе во Македонија не може да си ги дозволи сите оброка во текот на една година.

Според најновата студија на „Програмата на Обединетите Нации за животна средина“ (УНЕП), една третина од произведената храна во светот или околу 1.3 милијарди тони завршува како отпад. Македонија и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, не се разликува од трендовите во развиените земји на фрлање храна. Околу 30 проценти од храната произведена или увезена во Македонија, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот или на крајот во отпад ја фрлаат големите трговски синџири и потрошувачите. Покрај тоа што сме држава која се соочува со висока стапка на сиромаштија и социјална несигурност, според „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации“ (ФАО), ние сме рангирани на осмото место во светски рамки по количина на фрлена храна според бројот на жители. Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на коишто им е потребна, Македонија може да го намали проблемот со гладот и сиромаштијата.