Наградени 48 наставници во Скопје кои одржаа заеднички часови на ученици од различни наставни јазици

Вкупно 48 наставници од шест скопски средни училишта добија признание од Град Скопје за нивниот придонес и активно учество во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието преку редовна реализација на заеднички наставни часови со ученици кои учат на различни наставни јазици.

Во средните училишта на Град Скопје: „ Арсени Јовков“, „Здраво Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“ и „Јосип Броз-Тито“ во текот на минатата учебна година, се одржале 1.398 заеднички часови, од кои 1.143 со физичко присуство, а 255 онлајн по прогласувањето на вонредната состојба во земјата. Со заедничките часови биле опфатени 46 паралелки кои наставата ја следеа на македонски, албански и на турски наставен јазик.

Ваквиот вид на заеднички часови се одржуваат од 2018 година, а во проектот досега се вклучиле училиштата „Здравко Цветковски“, „Боро Петрушевски“, „Арсени Јовков“ и „Браќа Миладиновци“, СУГС„Димитар Влахов“ и СУГС„ Јосип Броз-Тито“.

Оваа учебна година, пак, заеднички онлајн часови ќе се реализираат и во СУГС„Владо Тасевски“. Тоа е единствено скопско училиште во кое учениците кои наставата ја следат на разичен наставен јазик учат во два различни објекти и немаат никава меѓусебна комуникација.

Овој проект е поддржан од Министерството за образование и наука, Македонскиот центар за граѓанско образование и ОБСЕ. Целта е да придонесе за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите, преку создавање услови за позитивна интеракција и градење граѓански и демократски вредности.