Над илјада луѓе уапсени за масовното препишување во Индија

Над илјада луѓе – наставници, родители на ученици и полицајци се уапсени во североисточна Индија, по објавувањето на снимките на кои се гледаат докази за масовно препишување за време на сезоната на тестови во училиштата во регионот.

„Половина од уапсените се родители и наставници, додека другите се роднини и пријатели на учениците. Педесет проценти од уапсените се набрзо ослободени, но околу половина се се уште во притвор“, изјавил Гуптешвар Панди, портпаролот на полицијата во индиската држава Бихар.

Според Панди, уапсени се и најмалку двајца полицајци, а уште десетмина припадници на органите на редот се отпуштени, откако се покажало дека биле вклучени во масовното препишување.

Според полицијата, уапсените не биле третирани како криминалци, но државните органи сакале да им дадат на знаење дека направиле сериозен прекршок. Многумина се казнети со по 2.000 рупии (околу 25 евра), но изречени се и казни во десетици илјади рупии.

Бројни фотографии и видеоснимки на кои се гледа како родителите и пријателите на учениците си го ризикуваат животот, обидувајќи се да им помогнат на своите блиски да препишуваат, се појавија минатата недела, станувајќи своевиден хит на социјалните мрежи.

Преку 1.4 милиони ученици учествуваат во неделата на тестови и испити во училиштата во Бихар, која завршува денеска. По скандалот, откажани се тестирањата во четири училишта, а над 600 ученици се избркани од училиштата. На казнетите може да им биде забрането да полагаат во следните три години, но тие би можеле и да завршат во затвор или со парични казни, но ваквите санкции ретко се изрекуваат во државата Бихар.