Над 2700 повредени на протестот против отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим

Повеќе од 2.700 палестински демонстранти беа повредени вчера, најмалку 1.350 од огнено оружје, по должината на граничната ограда со Газа, објави палестинското Министерство за здравство. Масовните протести започнаа на 30 март и веќе загинаа десетици демонстранти.

Последните протести започнаа откако Амбасадата на САД беше формално префрлена во Ерусалим од Тел Авив, на 70-годишнината од формирањето на Израел. Формалитетот и славењето создадоа речиси надреален контраст со насилството кое беснееше најмалку 60 милји подалеку.

Во снимена видео-порака пред околу 800 луѓе американскиот претседател Трамп рече дека САД „остануваат посветени на олеснување на траен мировен договор”.

Во говор за време на церемонијата, Џаред Кушнер, зетот на Трамп, исто така, зборуваше за решение за генерацискиот конфликт.

„Кога во овој регион ќе има мир, ќе се осврнеме на овој ден и ќе се сетиме дека патувањето кон мирот започна со силна Америка која ја препознава вистината”, рече тој.

Но, премиерот Бенјамин Нетанјаху од Израел звучеше повеќе триумфално отколку посветен на помирувањето.

„Каков прекрасен ден”, , рече Нетанјаху.

„Запомнете го овој момент! Ова е историја! Претседателе Трамп, со признавање на историјата, направивте историја. ”

„Ние сме во Ерусалим и ние сме тука да останеме”, рече тој. „Ние сме тука во Ерусалим, заштитени од големите војници на израелската армија, а нашите храбри војници ја штитат границата на Израел додека зборуваме денес”.

Големиот обид на Палестинците да ја преминат граничната ограда што го одделува Израел од Газа стана насилен, бидејќи израелските војници реагираа со огнено оружје.

Понеделник стана најкрвавиот ден откако почнаа демонстрациите пред седум недели, во знак на протест поради израелската економска блокада на Газа, пишува Њујорк Тајмс.

Десетици илјади Палестинци учествуваа во протестите во Газа.

Доцна во вечерните часови, 58 Палестинци, вклучувајќи и неколку тинејџери, беа убиени, а повеќе од 1.350 беа ранети од огнено оружје, соопшти Министерството за здравство на Палестина.

Израелските војници користеле солзавец, како и огнено оружја за да ги спречат демонстрантите да влезат на израелската територија.

Израелската армија соопшти дека дел од толпата возвратила со оган и фрлала експлозив. Еден од нив предизвикал шумски пожар.

Портпаролот на израелските сили за одбрана, потполковникот Џонатан Конрикус, се сомнева за бројот на жртвите што ги соопштија палестинските власти. Според него, голем број од нив што се наведени како повредени само вдишиле солзавец.