Над 150 приведени лица на протестите против полицискиот час во Холандија

Преку 150 лица синоќа беа приведени во Холандија откако забранетите протести поради воведениот полициски час се претвори во насилство меѓу демонстрантите и полицијата, пренесе Еуроњуз.

Полицијата во градот Ајндховен користеше водени топови и солзавец за да ја растера толпата, откако граѓаните фрлаа камења кон безбедносните сили, а запалија и повеќе огнови во центарот на градот. Една жена, која не била дел од протестите, била хоспитализирана откако била повредена од полициски коњ, соопштија од холандската полиција.

Во Амстердам, полицијата исто така користела водени топови против демонстрантите собрани во централниот парк. На видео снимки можеа да се забележат полицајци кои ги прскаат луѓето групирани околу ѕидон на Музејот Ван Гог.

Протестите и насилството доаѓа еден ден откако во Холандија беше воведен полициски час од 21:00 до 04:30 часот. Владата соопшти дека оваа дополнителна мерка, покрај засилениот карантин кој во земјата е на сила од средината на декември, е неопходна за да се спречи ширењето на позаразните соеви на коронавирусот.

Министерот за правда, Фред Граперхаус го осуди насилството посочувајќи дека „тоа нема никаква врска со протестите против мерките“.

„Ова е едноставно криминално однесување. Луѓето намерно ја напаѓаа полицијата, новинарите и другите работници од итните служби. Ги повикувам сите во Холандија да се бориме против вирусот, а не едни со други“, рекол Граперхаус.

Ден претходно, граѓани кои изразиле незадоволство од полицискиот час, запалиле пункт за тестирање во рибарското село Урк, оддалечено 80-тина километри од Амстердам.

Во саботата биле врачени преку 3.600 казни за прекршување на полицискиот час, а 25 лица биле уапсени бидејќи одбивале да ја послушаат полицијата или пак се впуштиле во насилство, соопштија од полицијата.