На Точак до Шилегов: Промена на асфалт не е подобрување на сообраќајното решение, а камоли пак нов стандард

Реконструкцијата на коловозот на булеварот „Партизански одреди“ кај Порта Влае за градоначалникот Петре Шилегов е поставување на нови стандарди, но за иницијативата „На Точак“, тоа не ги решава постоечките проблеми со сообраќајот. Тие се децидни  – промената на асфалт, не значи и подобрување на сообраќајното решение. Според иницијативата, станува збор за одржување на постојната состојба.

Тие ги повторија забелешките кои повеќепати ги упатуваат до градските власти, а за кои сметаат дека претставуваат „нови стандарди“. Во продолжение, ги пренесуваме во целост:

– забрана за паркирање на возила во пешачката зона и во уништените зелени површини, како и обновување на зелените површини во таа зона. На овој потег тие се целосно уништени од нелегалното паркирање и занемарени од надлежните. Нема зелен простор покрај Порта Влае, само земја и прашина окупирани од автомобили. (видливо на фотографијата горе). За разлика од зеленилото во пешачката зона, зеленилото кое ги двои насоките на булеварот (на средина) е редовно одржувано. Иронично, тоа е само видливо од автомобили, а не може никој да ужива во него, за разлика од она покрај пешачките патеки.

-заобиколување на автобуските постојки од велосипедските патеки наместо велосипедистите да минуваат низ патниците (иако ова не е нов стандард, туку воспоставен со отпочнувањето на проектот Скопје велоград, но подзаборавен и ставен во втор план)
-правење на пристапни пешачки острови од и кон коловозот наместо досегашните високи рабници. Рабниците треба да се на ниво нула и со постепен наклон не поголем од 8,33%. Асфалтот за автомобилите се промени, но пристапноста за луѓето кои преминуваат улица остана лоша, по старо. (видливо на фотографијата долу)

-заштита со заштитни острови на пешаците кои чекаат на сред булевар на отворен небезбеден простор (на овој потег, на крстосницата со ул. „Ангел Динев“)

-воведување на што повеќе пешачки премини на локации од интерес за граѓаните со цел поттикнување на пешачењето и со цел демотивирање на нелегално преминување и поголема безбедност. (на овој потег, враќање на пешачкиот премин кој беше избришан со изградбата на неупотребливиот мост Влајко).

-употреба на термопластична наместо обична боја на коловозот која ќе трае неколку години, наместо неколку месеци.

-усогласување на сите претпријатија кои имаат во своја надлежност некакви надземни и подземни инфраструктури со цел избегнување на двојни и тројни раскопувања во краток временски период. Користење на современи методи на мапирање за подобра визуелна прегледност од страна на граѓаните и од страна на сите останати претпријатија.

-споделување на фотографии како изгледа просторот и од позиција на човек, а не само од позиција на возило. Како е да се пешачи на тротоарот, дали е вака широк, рамен и прооден без пречки како автомобилските писти? Како изгледа просторот од позиција на велосипедист кога минува низ автобуските постојки, од позиција на човек во инвалидска количка кога ги искачува високите рабници? Убаво што се одржува асфалтот, но со севкупниот ваков пристап само се продолжуваат старите автоцентрични практики, не само во проектна смисла, туку и во начин на презентирање на проектите. Ако продолжуваме да градиме град за автомобили, место за луѓе, тоа воопшто не се нови стандарди, туку само продолжување на старите.