На „последниот заеднички час“ на „Корчагинска просветилка“ учениците им ја зедоа работата на наставниците

На 17 март, во Македонската опера и балет се одржа шестото ,,нејубилејно“ издание на „Корчагинска просветилка“ – настан кој матурантите од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ го организираат со цел да ги наградат своите просветители за сиот труд од четирите години поминати во средношколските клупи.

„Корчагинска просветилка е традиција, точка на еден убав дел од корчагинскиот живот, завршница која ја креираме со многу љубов и труд и манифестација од големо значење за сите Корчагинци.“ – вели Андреј Лазаревски, Корчагинец чија креативност и духовитост ја забележаа многумина од публиката.

Светла Јакшиќ би ја опишала „Корчагинската просветилка“ како производ од анегдоти на една генерација која од нив очекува да прераснат во значајни луѓе, по нејзиното завршување.

„Во Корчагин пораснавме, во Корчагин создадовме вистински пријатели за цел живот, во Корчагин се заљубувавме – тоа е место каде започнваме да ги разбираме и практикуваме обврските кои со возраста ни следуваат. Соработката меѓу искрените професори и родителите е она што ни помага да се соочиме со иднината, и кога ќе ја почувствувате таа прегратка, сфаќате дека сте едно среќно дете!“ – со многу емоции раскажува Светла.

За успешното реализирање на „Корчагинската просветилка“ годинава беа задолжени педесетина ученици – од прва, втора, трета година и најголем дел од матурантите.

„Со нас се и Корчагинците кои веќе имаат завршено со своето образование во Корчагин. Тие секогаш ни даваат огромна поддршка. Ваквата заемна работа меѓу сите четири генерации и ученици кои имаат завршено, со традиција се пренесува низ секоја учебна  година – не само за Корчагинската просветилка, туку и за сите останати настани кои ги организираме во Корчагин преку целата година“ – раскажува Андреј.

Тие започнуваат со подготовки на настанот уште со самиот почеток на работата на Кариерниот центар при Корчагин – организација во училиштето која ги организира генерално сите настани преку целата учебна година. На „последниот заеднички час“ на „Корчагинската просветилка“, учениците ја зедоа улогата на „просветители“ на своите просветители кои станаа „ученици“ на своите ученици.

„Навистина е прекрасно кога на професорите ќе успееш во еден блок час со времетраење од околу 180 минути да им го предадеш сето тоа што тие заедно со нас го создавале изминативе четири години. Тоа чувство кога ќе застанеш пред повеќето професори кои присуствуваа, пред цел тој аудиториум, поранешни ученици, родители и сите Корчагинци толку исполнува што просто не е возможно да не ти се задоволи душата, да се насмевнеш и да не се чуствуваш гордо што си дел од настан како нашата Просветилка.“ – горделиво раскажува Андреј.

„Покажавме дека научивме да бидеме учители преку квалитетот на нашите професори, она најдоброто што го чува секој во себе. Мислам дека со покажаната и веќе докажаната љубов, се губи обврската на заземање улога, како професор или пак ученик, на сцената имаше само луѓе кои ги поврзува меѓусебната почит!“ – вели Светла.

На самиот настан беа наградени многу професори кои оставиле вечна трага кај своите ученици. Повеќето од професорите ги прифатија безбројните шеги, ги прегрнаа своите ученици, ги почестија со различни епитети и преку своите кратки говори им се заблагодарија и им дадоа совети вредни за паметење.

Една од наградените професорки, на Корчагинската Просветилка, им рече на своите ученици: ,,Лошите оценки коишто ги добивте имавте шанса да ги поправите, но некои грешки во животот не ќе имате шанса да ги поправите. Целта на Корчагин е да ве подготви за вистинскиот живот“.

Друга професорка им посака љубов која во нив секогаш ќе поттикнува „црвени светки“ и сите професори им се обратија на своите ученици со „деца мои“ и им го посакаа она што им го посакуваат на своите сопствени деца.

Но,  „Вие сте Корчагинци и Вие го можете тоа, ќе успеете“ и „Биди бренд, биди Корчагин“ беа најповторуваните реченици кои професорите ги упатија кон своите ученици. Учениците горделиво се смешкаа и ги прифатија тие реченици како мисла-водилка која ќе го осветлува нивниот пат кон успехот.

„Таа фраза си ја повторив кога се плашев да пробам сама да возам велосипед, кога посакав да скокам од карпа во море чија длабочина не ја знаев, пред секој тест, дури и кога требаше да се преживеат некои тешки денови… Не е тоа така бидејќи училиштето диктира принципиелност или пак дисциплинираност, туку бидејќи во училиштето соработувате со храбри млади луѓе кои постигнуваат многу успеси, а ваш предизвик е да ги надминете!“ – вели Светла.

„Колку и да звучи клише таа фраза, да, сепак сме Корчагинци и можеме да го оствариме секој предизвик кој ќе ни се постави, да поминеме преку секоја пречка која може да излезе и да стигнеме до секој замислен резултат. Дефинитивно епитетот ,,Корчагинец” ќе ме поддржува и секогаш ќе ме мотивира.“ – се надоврзува Андреј.

Светла додава дека различните ставови и доживувања дозволиле тие да ја создадат најопшата и најреалната слика, за успешната реализација да биде нивната мотивација во иднина.

Освен награди, учениците доделија и по некоја критика за своите професори.

Според Андреј, критиката кон професорите секогаш е тоа што најмногу ја интересира публиката. „Сите критики кои ги испраќаме и професорите ги препознаваат, се секогаш  добронамерни, тие настануваат спонтано при создавањето на сценариото или при работа на пробите и мислам дека сите тоа успеваат позитивно да го прифатат, па и да се поправат“.

Исто така, оваа година, професорите ја „поправија“ својата минатогодишна грешка и дојдоа на Корчагинската Просветилка, почитувајќи ги своите ученици.

„Колку што се тие привилигирани што се професори во Корчагин, толку сме и ние што сме нивни ученици! Оваа година, не присутвуваа само оние професори кои од оправдани причини беа спречени да дојдат, но оние што дојдоа со нетрпение очекуваат да го видат и снимениот материјал од Просветилка и одново да ја доживеат нејзината магија.“

Од целиот настан, Светла најмногу ќе го памети послениот поздрав кога сите креативни Кариерци фатени за раце сфатија дека тие сами ја доживеале среќата од запишувањето во гимназијата, но сите заедно го одбележуваат крајот и си признаваат меѓусебе дека без нив ништо не би имало смисла.

И Андреј се согласува со Светла, како што кажува и во неговиот последен говор, од целиот настан, би можело да се издвои една најглавна порака:  „учениците можат многу кога се заедно и тие се сила и иднина со која нивните професори ќе се гордеат“.

Ана Илиева