„На кој твит треба да му веруваме?“ – Франција внесува сè повеќе медиумска писменост во училиштата

На училишната табла, во средното училиште во близина на Лион во Франција, се појавуваат пет објави на Твитер. Задачата е учениците да откријат кој твит е веродостоен, а кој е сомнителен.

Еден од предавачите на овие курсеви е Сандра Лафон, новинарка од Ле Монд, која преку нејзината иницијатива „Меѓу редовите“ волонтерски работи на подучување млади на новинарство, социјални мрежи и дезинформации.

Нејзините лекции се кратки и јасни. Вклучуваат Твитер и Јутјуб и линкови до интернет страници кои студентите можат да ги користат за проверка на факти. Истовремено на учениците им ги објаснува основите за тоа како новинарите ги собираат и ги потврдуваат фактите, во надеж дека тоа ќе ја намали недовербата кон медиумите и дека кај учениците ќе развие критичко размислување за она што го гледаат онлајн.

„Сфативме дека треба да се вратиме на основите пред да зборуваме за лажните вести и теориите на заговор. Што е вест, кој ги прави вестите, како ги консултирате и проверувате изворите“, објаснува Лафон за Њујорк Тајмс.

Часот е дел од експерименталниот обид на владата за соработка со новинари и едукатори за да се превенира ширењето на онлајн дезинформации. Франција го координира еден од најголемите проекти за медиумска и интернет писменост за ученици во средните училишта.

„Колку порано започнете, толку подобро. Затоа се трудиме да внесеме што е можно повеќе медиумско образование во последниве години. Стана неопходна потреба и закана“, вели Серж Барбе, координатор на проектот со Министерството за образование на Франција.

Во Франција ги увиделе потребите за поголема медиумска писменост по смртоносниот напад на сатиричното списание Шарли Ебдо во 2015 година, кој ја покажа големата недоверба во медиумите и ранливоста на теориите на заговор кои се шират преку интернет. Ситуацијата стана уште поалармантна по последните американски и француски избори кои беа мета на руска кампања за дезинформирање, како и по терористичките напади во Париз и Ница.

Од 2015 година француската Влада ги зголемува средствата за финансирање на часови за негативните страни на онлајн светот. Околу 30 илјади наставници и други педагози добиваат обуки на оваа тема секоја година. На некои места, локалните власти бараат младите да положат курс за интернет писменост за да добијат социјални бенифиции, како месечни стипендии.

„Многу млади денеска не бараат вести, само наидуваат на нив. Доколку одеднаш се заинтересираат за нешто, тие имаат потреба да дознаат повеќе околу тоа не секогаш знаејќи како тоа да го направат правилно“, објаснува Баптист Ларуд Тасеи, активист во СОС Групата во Париз, која работи на полето на превенција од радикализација.

Министерството за култура го удвоила буџетот за овие часови на 6 милиони евра, додека Министерството за образование ги вовеле овие курсеви во наставните програми за средните училишта, правејќи ги достапни за илјадници студенти. Некои од едукаторите повикуваат овие курсеви да станат задолжителни, покрај предметите како математика и историја.