На ќебап против глупоста – Фејсбук иницијатива во Чешка

Илјадници жители на Чешка се приклучија на иницијативата денес да ручаат ќебап во рестораните во Прага и другите градови, чии сопственици главно се Турци и Арапи, со што се спротивставија на антиисламските пораки на одредени парламентарци во земјата.

Како што пренесуваат чешките медиуми, оваа демократска иницијатива е покрената за граѓаните на Чешка да покажат солидарност и желба за соживот со муслиманите кои живеат во таа земја.

Чесите се организирале преку социјалните мрежи, каде е покрената иницијативата „Со ќебап против идиотизмот“. Во текот на последните неколку недели, некои од чешките екстремно-десничарски политичари упатија навредливи пораки против исламот и муслиманите.

Томио Окамура, член на партијата „Зора на директната демократија“, која има 14 места во чешкиот парламент, претходно повикуваше на антиисламски протести.

„Секој ќебап што ќе го купите е поддршка за бурките и муслиманите“, порача овој политичар, нагласувајќи дека исламот е закана за Чешка и начинот на живот во оваа земја.

Повеќе илјади Чеси кои ја поддржаа иницијативата за посета на рестораните каде се сервира ќебап порачаа дека идејата на Окамура е „болна“.

„Ајде сите заедно, цел народ на ќебап. Да ги окупираме сите ресторани со ќебап. Окамура нема да нè запре, не може да ни ги украде ќебапите. Повеќето муслимани не се терористи и не ги поддржуваат терористите. Затоа, нема смисла да се обвинуваат поради делата на некои други луѓе“, се наведува во соопштението на Фејсбук групата на иницијативата.

Досега 15.000 Чеси ветија дека денес ќе ручаат или вечераат ќебап, како протест поради псоледните напади на муслиманите во таа земја, кои сочинуваат еден процент од 10-милионското население на Чешка.

Извор: Окно/ www.rferl.org