На Филипини прогласена „состојба на беззаконие“ по силна експлозија

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте прогласи „состојба на беззаконие”, по смртоносната експлозија којашто се случи синоќа на пазар во јужниот дел на Давао Сити, при што се убиени најмалку 14 лица, а беа повредени над 70 други лица.

Дутерте, кој е нарекуван и „Казнувач”, поради непопустливиот став за трговијата со дрога за време на неговата 22-годишна кариера како градоначалник на Давао Сити, направи увид на местото на настанот и нападот го опиша како „вонредни времиња” за Филипините.

„Ние се обидуваме да се справиме со кризата сега. Постои криза во оваа земја, вклучувајќи дрога, вонсудски убиства и се чини дека постои средина за незаконско насилство “, рече Дутерте, кој вети дека ќе се справи со криминалот, корупцијата и употребата на дрога кога беше инаугуриран за претседател во јуни.

Тој додаде дека „состојбата на беззаконие” не претставува воена состојба, и покрај тоа што дозволува безбедносните сили да спроведуваат истраги низ целата земја.

Регионот беше под засилено предупредување за безбедноста поради воената офанзива против млитантите а Абу Сајаф, изјавија официјални лица.

„Првичните истражувања покажуваат дека е откриен шрапнел од импровизирана експлозивна направа,” соопшти претседателскиот секретар за комуникации Мартин Анданар.

Експлозијата избувна во близина на еден од најдобрите хотели во градот. Претходно, претседателот ги отфрли гласините за заговор за атентат врз него, велејќи дека се очекувани такви закани кон него.

Студентот Џон Рил Сиално во изјава за Ал Џезира рече дека експлозијата се случила околу 10:30 часот по локално време.

„Имаше толку многу луѓе, бидејќи тоа беше ноќен пазар и затоа што е петок”, рече Сиално, додавајќи дека „спасувачите морале да користат импровизирани завои на жртвите”.

Дутерте, кој ја презеде функцијата претседател во мај, ветувајќи брутална „војна против дрогата”, се најде под остри критики за поттикнување на одмазднички убиства на дилери на дрога и криминалци.

Се проценува дека 2 400 смртни случаи поврзани со војната против дрогата се случиле откако тој ја презеде функцијата, според полициски извештаи. Експертите на ОН ја критикуваа Филипините за бранот на вонсудски егзекуции и убиства кои се случија откако Дутерте ја презеде функцијата.