На анти-владините протести во Колумбија срушена статуата на Кристофер Колумбо

Анти-владините демонстранти во Колумбија ја срушија статуата на Кристофер Колумбо во крајбрежниот град Баранкиља.

Споменикот на познатиот европски морепловец и истражувач, по кого Колумбија е наречена, бил искршен од постаментот и вандализиран на демонстрациите на кои се одбележаа два месеци од почетокот на националното движење за општествени промени во земјата западната во длабока криза, пренесе Би-Би-Си.

Дел од активистите од организациите на домородното население го гледаат Колумбо како симбол на колонијализмот и репресијата.

Неговата статуа е само последната од повеќето вандализирани историски фигури на протестите кои ја зафатија целата земја. Претходно беше срушена статуата на шпанскиот конквистадор од 16-тиот век, Себастиан де Белалказар во два колумбиски града, Попајан и Мисак, додека во главниот град Богота била демолирана статуата на Гонзало Хименез де Кесада, уште еден шпански конквистадор кој го основал градот во 1638 година. Цел на напади била и статуата на Изабела од Кастиља, кралицата која го спонзорирала патувањето на Колумбо во 1492 година, кога тој за првпат стапнал во Америка.

Оттогаш Министерството за култура на Колумбија отстранила неколку статуи во главниот град поради безбедносни причини.

Организациите на домородното население се многу истакнати на протестите кои ја зафатија Колумбија последниве месеци. Покрај револтот кон шпанските освојувачи за време на колонијалните периоди, домородното население се наоѓа и во центарот на долгогодишниот вооружен конфликт во земјта.

Дури и по потпишувањето на мировниот договор помеѓу левичарските бунтовници од ФАРК и владата во 2016 година, домородното население и понатаму продолжува да биде мета на десничарските пара-милитантни структури кои се противат на договорот. Повеќе од 20 активисти за заштита на правата на домородците од Колумбија биле убиени оваа година.