МЖСПП најави обнова на дотраената пречистителна станица за шестовалентиот хром во Југохром

Министерствотo за животна средина и просторно планирање информира дека во тек е реализација на три јавни набавки за обновување на пречистителната станица за редукција на шестовалентиот хром во Југохром, Јегуновце, и тоа за нови резервоари за пречистителната станица, за одржувањето на системот и за далечинско управување.

Претходно, активисти алармираа за состојбата споделувајќи фотографии на социјалните мрежи од исцедокот од депонијата на фабриката во реката Вардар. Од Министерството, пак, велат дека пречистителната станица поради дотраеност, во изминатиот период не работела во полн капацитет.

„Заради исклучителното значење на прочистувањето на шестовалентниот хром и спречувањето на истекување или прелевање на загадената вода, Министерството направи дополнителни напори и одвои средства за покривање на трошоците за реконструкција на инсталацијата. Реконструтивните работи (реконструкција на заштитно корито под резервоарите и поставување на нови резервоари) треба да завршат до средината на месец ноември“, велат од МЖСПП.

Оттаму информираат дека на терен излегол и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заедно со државниот секретар Каја Шукова, посетувајќи го ДПТУ Југохром АЛЗАР, каде се сретнале со раководството на компанијата и вработените во пречистителната станица. Тие ги информирале дека во процесот на реконструкција се следат состојбите во и околу депонијата и резервоарите со отпадната вода.