МЗ: Започна вакцинација на хронично болните од 20 до 40 години

Министерството за здравство соопшти дека започна вакцинација на хронично болни пациенти и состојби кои се ризик за Ковид 19. Се работи за лица на возраст од 20  до 40 години, кои се пријавиле за вакцинација до 30 април 2021.

„Од денеска и во следните два дена, сите хронично болни пациенти и со ризик од Ковид 19, ќе се вакцинираат на вакциналните пунктови во државата. Опфатени се повеќе од 40 дијагнози или повеќе од 10 групи на дијагнози кои беа одредени како ризични од страна на Универзитетските Клиники и граѓанските здруженија, како кардиовахулаторни, респираторни, бубрежни, ендокринолошки, малигни, невролошки и останати заболувања и состојби“, соопштија од Министерството за здравство.

Младите пак кои се вакцинирале во Србија или во странство, а сакат ревакцина во Северна Македонија, ќе треба до 6 јуни 2021 да се регистрираат на веб страницата https://vakcinacija.mk/revaccination . Од Министерството посочија дека страната ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена за регистрација. Со вакцината на Астра Зенека ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. Најголем дел од граѓаните вакцинирани во странство, пред сè Србија треба да бидат ревакцинирани околу 19 јуни, соопштија од Министерството за здравство.

Доколку ревакцинацијата не може да се спроведе во Северна Македонија и доколку граѓаните не бидат известени за термин, тогаш од Министерството велат дека треба да се почитуваат термините за ревакцинација според календарот кој граѓаните го имаат добиено од државата каде е извршена вакцинацијата.