МЗ: 78% од починатите со Ковид-19 во последниве шест месеци не биле вакцинирани

Најголем дел од сите починатите од Ковид-19 од август па до денес биле невакцинирани, додека најголем број од хоспитализираните лица во моментов исто така не се вакцинирани покажува анализата на Министерството за здравство.

Анализата го опфаќа периодот од 6-ти август до 13 јануари, во кој во Северна Македонија имало 85.593 граѓани позитивни на тестирањата со Ковид-19. Од нив целосно биле вакцинирани 37%, додека останатите 63% не биле вакцинирани. Од Министерството за здравство појаснуваат дека за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 340 лица, a од нив 19% се вакцинирани, 81% не се вакцинирани.

„Изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден, од болница“, посочуваат од Министерството.

Анализата покажува дека смртноста од вирусот е драстично поголема кај невакцинираните. Последниве нецели шест месеци дури 78% од починатите лица со коронавирусот биле невакцинирани, додека 22% примиле вакцина.

„Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас. Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SARS-CоV-2“, додаваат од Министерството за здравство.