МЗ: 141 новозаразен, 161 оздравен и едно лице починато од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во последните 24 часа е потврден 141 нов случај на Ковид-19, односно, регистрирани се 39 случаи во Скопје, 23 во Штип, 18 во Кичево, 13 во Гостивар, десет во Куманово, осум во Тетово, шест во Струга, по три во Битола, Кочани, Демир Хисар, Македонски Брод и Виница, по два случаи во Охрид и Крива Паланка и по еден случај во Прилеп, Пробиштип, Берово, Кратово и Свети Николе.

Институтот за јавно здравје регистрирал 161 оздравен пациент, односно, 60 од Скопје, 35 од Гостивар, 15 од Струга, 13 од Свети Николе, по седум од Куманово и Кавадарци, пет од Кичево, четири од Прилеп, по три од Тетово и Охрид, по два од Крушево и Кратово и по еден оздравен од Велес, Радовиш, Пробиштип, Македонски Брод и Ресен.

Од МЗ информираат дека во болнички услови починала пациентка на 51-годишна возраст од Скопје.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 12083,  бројката на оздравени пациенти е 8248, на починати е 529, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3306“, информираат од МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје изминатите 24 часа се примени пет пациенти, а вкупно се хоспитализирани 78 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 25 пациенти, а нема на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 13 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, четири деца позитивни на вирусот и еден пациент суспектен на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 12 нови, вкупно хоспитализирани се 86 пациенти. На респираторна машина се 6 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 31, а во болницата во Штип се хоспитализирани 49 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 127 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 117.475 тестирања на Ковид-19, а во изминатите 24 часа се направени 1.885 теста.