МЗ: 14 новозаразени, 20 оздравени и едно починато лице од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 20 оздравени пациенти. Во изминатото деноноќие, од МЗ соопштуваат дека се потврдени 14 нови случаи на Ковид-19, односно, по градови регистирани се шест случаи во Велес, пет во Скопје, два во Прилеп и еден случај во Тетово.

„Согласно ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.586, бројката на оздравени пациенти е 1.099, на починати е 90, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 397“, се додава во соопштението на МЗ.

Од министерството исто така информираат дека во болницата „8-ми Септември“ починал пациент од Тетово на возраст од 61 година кој бил хоспитализиран од 28 април.

Во изминатите 24 часа во болницата „8-ми Септември“ се примени четворица нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 20 пациенти, информираат од МЗ. Од нив, на респираторна машина се двајца пациенти, а уште двајца се со потешка клиничка слика.

На Клиниката за инфективни болести, пак, се примени двајца нови пациенти со потешка клиничка слика, додека таму моментално се хоспитализирани 42 лица. Од нив, на кислородна поддршка се 16 пациенти, а на механичка вентилација се четворица пациенти.

Досега во земјава се направени 18.410 тестирања на Ковид-19, додека во изминатото деноноќие се направени 242 теста.