Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи суспендираше вкупно 15 полициски службеници во расчистувањето на настаните од насилниот упад во Собранието на 27 април.
Од Министерството информираат дека 11 од суспендираните се полициски службеници од СВР Скопје, четворица се припадници на Единицата за брзо распоредување, а еден од службениците е висок старешина во Министерството.
„Од видео материјалот било констатирано дека полициските службеници пасивно ја набљудувале масата на граѓани која се обидувала да влезе во поголем број во Собранието и не преземале дејствија со кои би им помогнале на другите полициски службеници. По насилното влегување на масата во Собранието овие полициски службеници продолжиле пасивно да се однесуваат во холот и на скалите и не преземале никакви службени дејствија со што овозможиле на масата непречено да се движи во Собранието“, стои во соопштението на МВР.
Од Одделот за внатрешна контрола, по прегледаните докази, било утврдено дека присуството на овие 15 лица на работните места негативно ќе се одрази врз работата на МВР.
Внатрешната контрола утврдила дека овие полициски службеници, со тоа што не примениле мерки од овластувањата, постапиле спротивно на Законот за полиција, Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, Упатството за начинот на однесување и меѓусебни односи на полициските службеници и спротивно на Кодексот на полициската етика.