МВР: 18 приведени и 74 опоменати лица во првата ноќ од полицискиот час

На првата ноќ кога на сила е полицискиот час во С. Македонија полицијата привела 18 лица, додека опоменала 74 лица низ земјата, извести Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој додаде дека полицискиот час генерално се спроведувал без посериозни отстапки.

“Пет лица на подрачјето на Тетово и две на подрачјето на Гостивар кои  и покрај опомената од полициските службеници, агресивно се однесувале по што се лишени од слобода.  На територијата на Куманово пак две лица се лишени од слобода кај кои е пронајдено оружје. Во  Радовиш лишени од слобода се две лица, едно лице во Штип, а шест во Кочани. Во Виница е констатиран еден случај на прекршување, но лицето се оддалечило и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, нагласи министерот Чулев.

Исто така тој посочи дека на територијата на цела држава опоменати се 74 лица, кои веднаш постапиле по насоките од полициските службеници.

“Сублимирано станува збор за девет кривични пријави кои веќе се поднесени, а се однесуваат по член 206 од Кривичниот законик. Министерството за внатрешни работи во моментов интензивно презема активности со цел утврдување на елементи за поднесување пријава за кривични дела за останатите сторители, а во смисла на дефинирање на елементите на стореното кривично дело, и доколку се утврди дека сторената активност има елементи на прекршок, а не на кривично дело, ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против сторителот“ изјави министерот Чулев. Истовремено во рамки на активностите за спроведување на полицискиот час полицијата поднела и две кривични пријави за основано сомнение за сторено кривично дело по член 396 – “неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“

Покрај ова на прес конференцијата Чулев презентираше и податоци околу контролите што ги спроведуваат полициските службеници по однос на лицата што се во изолација, односно самоизолација. Притоа тој нагласи дека во моментов полициските службеници контролираат вкупно 618 лица со решенија за изолација, како и 7307 лица со изјави за самоизолација. И во таа насока досега се поднесени вкупно 77 кривични пријави. Од страна на полициските службеница само во текот на изминатото деноноќие извршени се 322 контроли над лица со решенија за изолација и 3606 контроли кај лица со изјави за самоизолација при што е констатирано дека едно лице не го почитувало решението за изолација, а 22 лица не ги почитувале решенијата за самоизолација и за наведените лица во тек е преземање активност за поднесување кривични пријави.