Музичко-поетски концерт на 21 јуни во Даут-пашин амам

Фестивалот за современа музика „Модоарс“ на 21 јуни во 20 часот во Даут-пашин амам организира концерт со реномираната оперска пејачка Розалба Колозимо, сопран од Италија и во придружба на пијанистката Ема Попивода. Тие ќе настапат со оперски арии од Пучини, Белини, Тости, Пулен и Бернштајн, а предвидена е изведба на наполетанска традиционална музика. На концертот свој слем поетски рецитал ќе има и поетесата Наташа Сарџоска придружена со пијано.

Како што информираат организаторите, сопранот Колозимо учела оперско пеење со врвни имиња како Еторе Кампољани, Лејла Генсера, Рената Скот, Алфредо Скот и со Монсерат Кабаје, чијшто асистент станува во Мадрид во 1988.

„Настапувала во познатите театри Скала во Милано, Шатле во Париз, Сан Карло во Наполи, Арена во Верона, Фениче во Венеција, Операта во Рим, Операта во Хамбруг, Комунале во Фиренца, заедно со врвни оперски уметници како Пласидо Доминго, Мирела Френи и Лео Нучи, а под диригентската палка на Мути, Орен, Куртис и Манино. Во 1991 година во театарот Фениче ја добива престижната награда Калас“, стои во најавата за концертот.

Ема Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистински амбасадор на македонската култура во светот, а Наташа Сарџоска е писателка, поетеса, книжевен преведувач и антрополог.

Фестивалот за современа музика „Модоарс“ се оджува по 11-ти пат во Р. Македонија. Во оваа издание на Фестивалот се одржа концертниот спектакл „Акустик Електроникс“ – концерт со преработки на електронски теми за пијано и тапан. Покрај концертот на сопранот Розалба Колозимо од Италија, концерт ќе одржи и Фринфрид Хакл – флејта (Австрија). Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и Еуролинк Осигурување.