Музејот на ВМРО на „Гугл“ стана „Музеј на жртвите на Жмроизмот“

Уште еден локалитет во Скопје доби ново име на апликацијата „мапи“ на светскиот интернет-гигант „Гугл“. Овојпат станува збор за Музејот на ВМРО. Доколку на мапата го пребарувате овој музеј, ќе ви прикаже „Музеј на жртвите на Жмроизмот“ Museum of the victims of Zhmroism), а дури потоа како втора опција се прикажува вистинското име, објави агенцијата Мета.

Досега на микро-мрежата „Твитер“, хаштагот „Ж“ се користеше за поранешниот премиер Никола Груевски, а по објавувањето на бомбите, ВМРО-ДПМНЕ на оваа социјална мрежа беше именувана како „ЖМРО“.

Претходно на оваа апликација, големиот скопски плоштад „Македонија“, на англиски беше преименуван во „Плоштад Вардарска“. Апликацијата за подобро снаоѓање, особено на туристите, ги дава имињата на локациите и на македонски и на англиски јазик.

Зад овие измени на имињата не стои самиот „Гугл“, туку корисниците. Компанијата во јули минатата година им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Едитираните локалитети по автоматизам не се појавуваат во апликацијата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници, пишува агенцијата.

Компанијата „Гугл“ минатата година соопшти дека повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата „мапи“ и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на истата.

Инаку, има и други локални примери на мапата. Во непосредба близина позади Рамстор и Музеј на Град Скопје, на локацијата на неизградениот хотел „Радисон Блу“, веќе неколку години опстојува запуштен простор исполнет со вода. Низ скопјани локацијата е позната и како „мочуриште“, па и на мапата на „Гугл“ е обележана како „Радисон Блу мочуриште (Radisson Blu Swamp)“.