Музејот на современата уметност слави јубилеј од 50 години

Преку отворање на колекцијата на музејот, прикажување на писма и материјали пратени по катастрофалниот земјотрес од страна на светските уметници, Музејот на современата уметност на 13 ноември ќе го прослави својот јубилеј – 50 години од архитектонското здание, симболот на светската содиларност во Скопје.

По скопскиот земјотрес, иницијативниот одбор на Музејот на современата уметност инспириран од поддршката која доаѓа од секаде, покренува акција за оформување на меѓународна колекција на ликовни дела.

„За таа цел, почнуваат да се пишуваат писма адресирани до голем број уметници. Во тие писма биле наведени причините зошто токму тој уметник е одбран поради неговото творечко реноме на национален и меѓународен план и поради неговиот личен придонес во ликовната уметност на 20 век. Исто така во писмата одделено била истакната атмосферата во која настанал Музеј на современата – Скопје, за тоа дека нашиот музеј му припаѓа на главниот град на една држава со огромно културно минато и активен културен живот денес, но за жал во катастрофалниот земјотрес најмногу беа погодени културните спомениците и уметничките дела. И токму ова ја поттикна желбата за создавање Музеј на современата уметност како споменик на солидарноста на уметниците од целиот свет, но и како активен чинител во сите нови ликовни стремежи и како музеј што е издигнат над сите поделби: естетски, политички, верски и расни“, пишуваат од Музејот на современата уметност во соопштението.