„МРТВ треба да биде лидер во промоцијата на професионални стандарди“ – вебинар на ЗНМ за потребата од реформи

Потребно е да се засили независноста на јавниот сервис, за силна Македонска радио телевизија (МРТВ) и да стане лидер во промоцијата на професионалните стандарди, ова го истакнаа вчера дискутантите на вебинарот насловен „Стручна дебата за реформите во јавниот медиумски сервис МРТВ“, кој го организираше Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Според претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во минатото имало примери каде МРТВ потфрлувала во својата основна мисија, посочувајќи дека имало критики од јавноста, локалните организации во медиумскиот сектор, но и меѓународни организации кои исто така го критикувале известување на МРТВ, а особено во критични ситуации.

„Во денешен контекст ситуацијата е подобрена, особено во делот на програмата и во балансот на вестите, но има услови за уште позначајни подобрувања, за МРТВ да стане лидер во промоцијата на професионалните стандарди, и на долг рок да ги мотивира и приватните телевизии да го следат таквиот пример со цел да има кревање на стандардите во целиот медиумски сектор. Значајна е и улогата на МРТВ во кревање на социјалниот стандард на новинарите“, посочи Чадиковски.

Тој додаде дека ЗНМ е конструктивен партнер и дека преку своите залагање за подобрување на законската рамка со која се уредува работењето на МРТВ, ќе остане и понатаму.

„ЗНМ и понатаму ќе инсистира МРТВ да го добие својот дел од буџетот како што го предвидува и законот, а се со цел да се осигура политичката и финансиската независност на јавниот сервис“, додаде Чадиковски.

Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) истакна дека е од голема важност понатамошната едукација на вработените.

Пандемијата со Ковид-19 покажа дека во кризни времиња, кога точната информација значи многу, гледаноста и довербата во јавните сервиси е зголемена насекаде низ Европа. Последното истражување на АВМУ потврди дека тоа е случај и кај нас. Сега МТВ 1 е на 3 место по гледаност кај националните ТВ канали. Од исклучителна важност во петгодишната стратегијата за МРТ е планот за воспоставување едукативен центар во состав на МРТ, каде што вработените ќе имаат можност за професионално доусовршување, а ресурсите за едукација може да ги користи целата медиумска индустрија. Постојат многу добри примери како функционираат таков тип едукативни центри во европските држави, чиишто добри практики можат да се искористат. Таква е Академијата на Би-Би-Си, но и јавните сервиси во скандинавските земји“, рече Петковска.

Но, за успешно да функционира јавниот сервис во целина, таа е децидна дека е важно редовно и целосно да се исплаќаат средствата за МРТ, кои, како што рече, за жал не се спроведуваат во целост. Исто така, таа додаде дека МРТ треба да се изземе од законите кои се однесуваат на јавниот сектор, бидејќи, како што посочи, не одговара на типот на дејност што го врши јавниот сервис.

Извршниот директор на МРТВ пак, Марјан Цветковски рече дека е од исклучителна важност следната недела да се усвои петгодишната стратегија за развој на телевизијата, за да може да се засилат реформите.

„Познато е дека најважните работи во работењето на МРТВ е финансиското работење. Оваа година ако не се исполни ветувањето и заклучоците на Владата, дека со ребалансот во месец јуни ќе се вратат финансиите на МРТВ, сериозно ризикуваме дека оваа година нема да можеме да исплатиме плати. Ликвидноста во овој момент ја одржуваме со проекција дека во месец јуни 2021 ќе добиеме дополнителни финансиски средства. Тековното работење до јануари 2021 бевме во добра состојба. Главна цел беше враќање на достоинството за сите вработени во МРТВ, успеавме небаре дупло да ја зголемиме плата на вработените. Во 2012 година минималната плата на вработените во МРТВ беше 12.000 а сега е 21.000 денари. Успеавме да го подигнеме нивото на социјален квалитет, сега мислам дека се доволно мотивирани“, истакна Цветковски.

Истовремено, тој вели дека има уште некои други одредени работи кои во следниот период треба да се усогласат, додавајќи дека тоа е предизвика за кој ќе работат во иднина.

„Ветувањето од Министерството за финансии дека со ребалансот ќе добиеме финансии и ќе можеме да продолжиме да работиме позитивно во иднина. Сè уште се соочуваме со предизвици во работењето и свесни сме дека треба да има подобрувања во сите сектори и се надевам дека идната недела ќе ја усвоиме петгодишната стратегија за развој, со што уште веднаш ќе влеземе во посилни реформи“, рече тој.

Целта на ваквиот настан, како што велат од ЗНМ е потребата од реформи во МРТВ преку кои ќе се овозможат услови за позитивни промени во јавниот сервис, што би било од полза за јавноста и целата медиумска сфера. Исто така, предмет на вебинарот беа и идните активности кои се предвидени во Петгодишната стратегија за развој на МРТ до 2025 година.