Мразот на Гренланд не може да се спаси дури и ако престанат климатските промени

Мразот на Гренланд се стопи до точка по која нема враќање, а напорите за забавување на глобалното затоплување нема да го спасат од распаѓање, ова го покажува новата студија на истражувачите од Универзитетот во Охајо, пренесува хрватски „Индекс“.

„Дури и да ја вратиме климата онаква каква што беше пред 20 или 30 години, сепак ќе ја изгубиме масата мраз прилично брзо“, рече Јан Хауат, еден од авторите на студијата и професор на Универзитетот во Охајо.

„Гренландската ледена плоча годишно губи повеќе од 280 милијарди метрички тони мраз кој се топи во океанот, што е најголем поединечен придонес за порастот на глобалното ниво на морето“, рече водечката авторка на студијата Михаела Кинг.

Загубата на мраз во последните неколку години е толку голема, вели Кинг, што предизвика мерливи промени во гравитационото поле над Гренланд. Топењето на мразот на Гренланд придонесува за покачување на нивото на морето за повеќе од еден милиметар секоја година и најверојатно ќе се влошува и понатаму.

Нивото на морето ќе се искачи за повеќе од еден метар до крајот на овој век и ќе ги збрише плажите и недвижнините на крајбрежјето.