Монодрамата „Прво лице еднина“ вечерва во дворот на Кумановскиот театар

По петмесечна пауза, во дворот на Кумановскиот театар вечерва во 20 часот ќе биде изведена монодрамата „Прво лице еднина“ во режија на Драгана Гунин, и во изведба на актерката Владанка Димковска.

Поради здравствената криза со коронавирусот, претставата ќе можат да ја следат само 25 гледачи, со носење заштитни маски, додека театарот ќе обезбеди дезинфекциски средства.

Премиерата на претставата беше минатата година, а работена е по мотивите на „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало.

Монодрамата зборува за жената, за животот, храброста, бунтовноста…

Влезот на претставата е бесплатен.