МОН не се откажува од дигиталните учебници, законот се усогласува со европското законодавство

Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали не е повлечен, туку само се дополнува за да биде усогласен со европското законодавство, соопштија од Министерството за образование и наука.

Оттаму велат дека не се откажуваат од носењето на целосно новиот закон за учебници со кој се воведуваат современи материјали за учење и се нуди можност за дигитализација.

„Во интерес на објективно и вистинито информирање на јавноста по координација со Секретаријатот за европски прашања Законот е вратен за да се дополни само делот за усогласување со европските документи, како дел од процесот на усогласување на националното со европското законодавство. Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието“, велат од МОН.

Оттму дополнуваат дека при усогласувањето со СЕП земени се предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата, а во чиј фокус се развој на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи и дигиталните вештини на наставниците, како и поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.

„Поконкретно, во септември 2020 година Европската комисија усвои две иницијативи кои имаат за цел да го зајакнат придонесот на образованието и обуката во закрепнување на ЕУ од кризата и да помогнат во градењето на „зелена“ и дигитална Европа. Првата иницијатива е заживување на Европска област за образование со шест димензии: квалитет, инклузија и родова еднаквост, зелени и дигитални транзиции, наставници, високо образование, посилна Европа во светот. Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа. Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време“, дополнуваат од МОН.

Дигиталните учебници не смеат да бидат единственото решение, велат од Сојузот на средношколци

Со новиот Предлог закон учебници во хартиена форма ќе добиваат учениците од прво до трето одделение, додека за учениците од четврто и погорните одделенија, приоритетност ќе се даде на учебниците и дидактичкиот материјал во дигитална форма. Овој предлог ја разбранува јавноста, а наиде и на голем број реакции од страна на наставници, родители, ученици.