МОН ќе воведе систем за кариерно следење на матурантите во средните стручни училишта

Министерството за образование и наука (МОН) започнува процес на кариерно следење на матурантите во средните стручни училишта.

„Системот е веќе креиран и поставен на посебен портал anketi.mon.gov.mk. Ќе функционира со прибирање на податоци директно од учениците откако ќе матурираат, како и од работодавачите. Секој ученик од завршната година на образованието ќе може да пристапи едноставно со најава, да наведе воведни податоци за себе и своето средно стручно образование, и потоа треба да пополни три прашалници. Еден на почеток по регистрирањето и два во рок од 6 месеци. Компаниите пак, исто така можат да се регистрираат и да пополнат прашалник во врска со нивните потреби и очекувања за вештини кои треба учениците да ги поседуваат“, информираше министерот Јетон Шаќири на денешната средба со претставници на средните стручни училишта во државата, на која беше презентиран системот.

Тој додаде дека оваа постапка на учениците и на компаниите ќе им одземе малку време, а прибраните податоци ќе бидат од големо значење за министерството, затоа што ќе претставуваат база за креирање на идни политики, но и како што рече од значење за училиштата, за тоа како и каде напредуваат нивните ученици што исто така може да иницира промени во интерните политики.

Училиштата во понатамошниот период ќе добијат насоки според кои ќе треба да постапат со цел да е развие интерес кај учениците за учество во процесот.

Системот за кариерно следење е дел од Стратегијата за образование 2018-2025 година, а ќе се реализира со поддршка од фондовите на ЕУ.