МОН го зголеми буџетот за стипендирање на учениците во дуалните паралелки

Министерството за образование и наука од наредната учебна година најави дека ги зголемува стипендиите за учениците од средните стручни училишта за дополнително да ги стимулира учениците кои своето образование ќе го продолжат во стручните средни училишта.

МОН обезбедило фонд за 2.200 стипендии за ученици од прва година, во вредност од околу 60 милиони денари, или како што посочуваат, 10 пати зголемен буџет во однос на минатата учебна година.

„Со овој фонд предвидено е 1500 ученици кои ќе се запишат во паралелки во стручно образование во кои ќе се реализира практично образование со зголемен број на часови согласно програмите за стручно образование ќе добиваат месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината, 500 ученици кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење ќе добиваат исто така по 3500 денари месечно, додека 200 ученици од прва година кои реализираат наставни планови ипрограми од: електротехничка струка, градежно-геодетска струка, угостителско-туристичка струка, земјоделско-ветеринарна струка, машинска струка или текстилно-кожарска струка ќе добиваат месечен износ од 2200 денари“, информираат од МОН.

Со Конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2021-2022 година, во 109 средни училишта се предвидени вкупно 30.053 слободни ученички места, од кои 19.602 во стручно образование, или 65,22% од вкупниот број. Покрај нив, 9.261 ученички места се слободни во гимназиско образование и 1.190 ученички места во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.