МОН: Ангажирани се 40 ромски образовни медијатори

Министерството за образование и наука информира дека оваа учебна година ангажирало 40 ромски образовни медијатори кои ќе обезбедат дополнителна поддршка за учениците во основните училишта во општините со поголем број ученици од ромската етничка заедница.

„Нивната улога е да помогнат во подобрувањето на информираноста за можностите и пристапот до училишта, да имаат редовни средби со населението и вработените во основното училиште поврзани со образовните специфики и потреби на оваа ранлива група, редовно да соработуваат со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигнувањата на учениците, како и да преземаат активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес“, велат од МОН.

Според МОН, медијаторите работат и со учениците и со наставниците, но и соработуваат со родителите односно старателите и локалните самоуправи, граѓанскиот сектор и други институции и организации, со цел да им помогнат на децата успешно да го завршат основното образование.

„Министерството за образование и наука обезбедува финансиска поддршка на образованието на децата и младите Роми преку финансирање на имплементацијата на Националната стратегија за Роми и оваа поддршка постојано расте. Во 2018 година беа обезбедени средства за ангажирање на 20 ромски образовни медијатори, а во учебната 2022/2023 нивниот број е зголемен на 40. За средношколците Роми, МОН обезбедува стипендии и нивниот број, исто така, од година во година се зголемува. За учебната 2022/2023 година обезбедени се 920 стипендии за средношколци Роми, што е за 50 повеќе од минатата учебна година. Оваа академска година ќе бидат доделени и 135 стипендии за студенти Роми запишани на јавните и приватните високообразовни институции и универзитети во РСМ“, соопштува МОН.

Од таму велат дека посветуваат посебно внимание на одржливоста на ромските образовни политики кои, велат тие, како јавни политики,се интегрирани во Националната стратегија за Роми.

„МОН е лидер во обезбедување на буџет за нив – од вкупниот буџет наменет за имплементација на Стратегијата за Роми, речиси 40% го обезбедува Министерството за образование и наука“, стои во соопштението.