МОФ: Правото на организирање на средношколците не смее да биде ограничено

Правото на организирање на средношколците не смее да биде ограничено, порачуваат од Младинскиот образовен форум (МОФ) осврувајќи се на последните случувања со Средношколскиот пленум, притисоците пред маршеви, но и Унијата на средношколци со која се договара МОН, иако таа не функционира со години.

Соопштението го пренесуваме во целост:

„Последните месеци беа означени со формирање на Средношколски пленум како форма на само-организирање на средношколците со цел своите потреби и препораки за подобрување на средното образование да ги пренесат кон институциите. Овие изблици на активизам и активно граѓанство, покажаа дека учениците имаат директен интерес за политиките кои се одразуваат на нив, нудејќи аргументација која ги објаснува нивните потреби и ставови. За жал, овие акции беа соочени со непосакувани и некоректни реакции, кои претставуваат закана за слободата на здружување и изразување на македонскиот средношколец.

Револтирани од овие појави, упатуваме апел до средношколците да се информираат како да ги остваруваат и заштитат своите права и да ги користат сите механизми на располагање. Апелираме до институциите и граѓанските организации да покажат интерес и поддршка за остварување на правата на средношколците, и да ги осудат сите препреки кон практикување на нивните права.

Изготвивме упатства кои даваат насоки како да се поднесе приговор кај Народниот правобранител за ограничување на слободата на здружување, како и за постапување доколку средношколците се чуствуваат како жртви на навреда или клевета. Овие упатства доаѓаат како одговор на појавите на постери каде се наведуваат средношколци со своите имиња и презимиња дека добиваат 10.000 денари за организиран протест, постери каде се етикетираат и наведуваат како злоупотребени и туѓ експеримент.

Упатствата може да ги најдете на следните линкови и споделите со средношколците, родителите и нивните професори:

Упатство за поднесување претставка пред Народниот правобранител
Упатство за справување со навреда, клевета и говор на омраза

Поплаките од средношколците за жал се однесуваат и на заканувачки пораки, повици, навредливи коментари по социјалните медиуми, па дури и заклучени врати од училиштата. За последното, овде има упатство што може да се направи доколку не им било дозволено на учениците да го напуштат училиштето.

Дополнително, вчерашните преговори на Министерството за образование и наука со Унијата на средношколци го оганичуваат учеството во одлучувањето и влијанието врз политики на средношколците, а особено на Средношколскиот пленум кој активно бара да биде чуен во однос на овие политики. Унијата на средношколци на Македонија е пасивна организација која веќе со години не функционира, и поради недостаток на легитимитет, таа не може да се смета за претставничко тело на средношколците. Според истражување на МОФ и Реактор од 2010, се увиде дека 70% од испитаните средношколци не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на средношколска унија. Во 2013 пасивноста се потврди преку друго истражување, во кое од 45 училишта само 1 има претставник во национално организирање, а последните акитвности на Унијата на средношколците и Средношколската унија се забележани во 2008 и 2009. Унијата на средношколци исто така има неактивен статус во Централениот регистар на Македонија.

Затоа го разбираме незадоволството на средношколците од преговорите на МОН со неактивна организација, кои не ги вклучуваат оние средношколци кои активно се заложуваат за подобро образование. Потребно е да бидат чуени средношколците и вистински вклучени во креирањето на политики. Грубото прекршување на нивните права и исклучување од носење одлуки е од непроценлива штета и за демократските вредности но и развојот на средношколците како одговорни и активни граѓани.“