Мобилна библиотека тргнува од Теарце – годинава ќе ја обиколува државата за да промовира читање меѓу младите

Мобилна библиотека опремена со наслови од писатели од регионот, но и светски популарни книги за деца и млади (бестселери) од денеска ја започнува својата турнеја низ државата. Прва станица е тетовско Теарце, по што автобусот-библиотека ќе посети над 100 заедници низ државата. Идејата е да се привлече вниманието на младите и да се промовира читањето.

Мобилната библиотека „READ on wheels“ се спроведува во склоп на регионален проект поддржан од Европската Униј, а го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка – Лоја (Македонија), Instituti I Librit dhe i Promocionit (Албанија), Kalem Culture Association (Турција), Krokodil (Србија), Qendra Multimedia (Косово).

Мултикултурната и мултилингвалната мобилна библиотека ќе патува низ Северна Македонија, Косово, Србија, Албанија и Турција во времетраење од 3 години, со особен фокус на идентификување на училишта и библиотеки и соработка со нив.

Концептот на мобилната библиотека е засниван на долгогодишното искуство на Гете-институт со водење на автобуси- библиотеки или културни единици низ различни земји како на пример Франција, Египет, Либан, Јордан, Белорусија и други. Целта на мобилната библиотека е да овозможи пристап до книги, читање и културни активности за млади луѓе во помали и понедостапни рурални зедници, каде таквите активности се многу ретки или воопшто не се случуваат.

Периодов ќе се одржуваат разни работилници, презентации на нови автори, предавања и дискусии, како и прикажување на филмови и театарски претстави.

„Модерниот мебел и опрема ќе се употребуваат за да се создава пријатен простор, во вид на библиотека на отворено, каде ќе се организираат активности со локалното население. Тука особено до израз ќе дојде соработката со училишта и библиотеки, но посетите ќе вклучуваат и соработка со центри за деца и млади, месни заедници, локални невладини организации, културни оператори како локални фестивали, аматерски театри, соработка со писатели итн“, информираат организаторите.

Повеќе информации во врска со термините и местата кои ќе ги посетува „READ on wheels” се достапни на следниот ЛИНК.