Мобилен интернет за онлајн настава ќе добијат ученици од над 18 илјади социјално загрозени семејства

18.400 картички за мобилен интернет со капацитет од 10 гигабајти месечно преку кои ќе може да се пристапува само на платформите за учење според насоките на Министерството за образование и наука ќе бидат распределени на сите ученици во основното и средното образование од социјално загрозените семејства, информираа од Владата на денешната пресконференција.

„Ова се вонредни времиња и потребна е вонредна помош. Особено сега е важна солидарноста на сите чинители во општеството и дигиталната трансформација. Зошто само на тој начин е можно да се испорачаат сите услуги до сите граѓани кои требаат да имаат пристап до нив. Со овој договор се овозможува наставата во основните и средните училишта, која денес е организирана преку учење од дома од страна на Министерството за образование, да е достапна за сите. Имајќи предвид дека имаме деца, кои немаат интернет пристап за следење на наставата преку далечинско учење, се наметна потребата да им помогнеме“, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Картичките се донација на Телеком, а дистрибуцијата на картичките до семејствата ќе ја спроведува Министерството за труд и социјална политика преку центрите за социјална работа.

„Очекувам без прекин, наставата да се организира без сериозни проблеми. Ако беше предизвик дали сите наши деца ќе имаат пристап до интернет, со денешново потпишување на овој договор за донација, се обезбедува интернетот за сите ученици кои потекнуваат од загрозени социјални семејства“, рече Министерот за образование и наука, Арбер Адеми.

Министерот Адеми, одговарајќи на новинарски прашања напомена и дека во Владата разговараат за петицијата на средношколците за одложување на државната матура за оваа учебна година.

„Ги следиме околностите, сите опции се на маса. На повеќе наврати е разговарано и на седница на Влада и во главниот координативен кризен штаб. Нема простор за загриженост, бидејќи секоја наша одлука, која ќе ја донесеме, ќе биде мотивирана од најдобриот интерес на нашите ученици и никој нема да биде оштетен. Но, треба да се направат дополнителни анализи со сите предизвици со кои се соочуваме, како и прашањето на државната матура“, рече Адеми.