Младите се во неповолна позиција и економски најпогодени од пандемијата

Младите се меѓу најпогодените групи од актуелната пандемија на Ковид 19 во земјава, како на економски, така и на психо-социјален план. Како што истакна Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи -ЗМАИ, само во првиот карантин, во март погодени биле 2000 работни места на млади лица.

„Според податоците на Упрвата за јавни приходи, во април и мај, во однос на февруари, кога всушност започна кризата, имаме во просек пад за околку 2000 работни места, односно околу 2000 млади од 16-29 години го изгубиле своето работно место, односно не добивале примања. Интересно е да се забележи дека овој тренд се коригира по воведување на антикризните мерки, односно поддршката која владата на РСМ ја даваше на компаниите, односно во јуни скоро се постигнува нивото на околу 86000 вработени млади, кој соодветствува со статистиките на Државниот завод за статистика“, истакна Митевски на онлајн тркалезната маса во организација на Младински образовен форум со наслов „Позицијата на младите за време на пандемијата“.

Во однос на стандардот на младите исто така е забележан пад повисок од другите доходовни групи. Така, падот на приходите е најмал во скопскиот регион и изнесува околу 3,7%, за во најпогодените региони- пелагонискиот и североисточниот регион да има пад од високи 10% во однос на просечните приходи во тие региони.

„Младите имаат почетнички позиции во структурите на фирмите, најчесто имаат времени договори, автоматски и нивната вредност не е толку висока, па уште од старт младите имаат доход кој е помал од останатите“, укажува истражувачотза можните причини за оваа состојба.

Тој истакна дека владината помош дава одредени резултати, заедно со ваучерите од кои дел беа наменети за млади, но укажа дека и покрај тоа „младите се во неповолна позиција и економски се најпогодени во споредба со останатите групи“.

Блажен Малески, истражувач во Реактор-Истражување во акција, забележа дека државата при носењето на антикризните мерки во својот пристап „не смени многу од нормалните времиња“.

„Се уште се гледа оној пристап за што пошироки чадор политики – за сите граѓани да ги опфатиме, а да не одиме специфично кон суштината и кон оние што се најпогодени“, истакна Малески.

Тој укажа дека е проблем тоа што институциите многу споро ги обработуваат сопствените информации кои ги имаат и немаат јасни патокази за планираните политики, но и дека пристапот кон младинската политика е недоволно развиен. Релативно малку од она што е препорачано се оствари, додаде тој, потсетувајќи на препораките на младинските организации изготвени уште во месец април, на почетокот на пандемијата.

Ѓорѓи Тасев, советник за младински прашања во Владата на Република Северна Македонија пак зборуваше за владините мерки за помош на најпогодените, со фокус на на младите. Сепак, се согласи дека можеле да се направат и подобри политики.

„Се согласувам дека дел од мерките можеби беа задоцнети, можеби не беа правилно димензионирани, но сепак се таргетираше кај граѓаните и посебно младите да се минимизира ефектот на ковид 19“, рече советникот, кој истакна дека при креирање на мерките се користеле искуствата од развиените држави за помош на најпогодените групи.

Мери Цветковска од ХЕРА пак се осврна на априлските младински препораки за помош на младите во криза. Притоа, додаде, најпогодени се младите од маргинализираните групи за кои рече дека и онака се последни на листата за помош од страна на институциите. Здравјето и благосостојбата на младите треба да е приоритет, децидна беше Цветковска.

„Многу често ја слушам таа реторика, дека младите се пренесувачите на ковидот, дека се тие кои треба да ги заштитат повозрасните. Всушност кога ќе се вратиме наназад, тоа се тие кои ги имаат направено најголемите жртви во секојдневието, со тоа што помалку излегуваат, не се социјализираат, седат во рамки на своите домови, а не секој ја има првилегијата да има услови дома, да чита, да учи, да биде сам, да може да најде издувен вентил и сето ова полесно да го помине“, укажа Цветковска и додаде дека токму младите ги прават најголемите компромиси и жртви поради пандемијата.

На тркалезната маса говореа повеќе претставници од граѓанските здруженија и институциите. Меѓу нив и пратеничката Моника Зајкова, која го сподели своето искуство со прележување на Ковид 19, и укажа на можните последници по менталното здравје. Потсети дека неодамна се основаше новиот Клуб за младински прашања и политики во состав на Собранието и ги повика сите заинтересирани да се вклучат во изработката на нивниот акциски план за да се детектираат приоритетите.

„Собранието стои на располагање“, рече младата пратеничка која ја побара помошта од невладините за да се стави фокус на темата „млади“ во парламентот.

Присутните укажаа на потребата од итна дигитализација на институциите, и побараа оваа шанса која ја отвори пандемијата да не биде пропуштена. Исто така укажаа на потребата од поголемо вклучување на атипишните млади лица како тие со оштетен слух и говор во процесите на креирање политики за млади.

„Да, можеби здравствената криза ќе ја решиме, но економското опоразвување ќе оди многу потешко“, заклучи истражувачот Митевски.

Ј.Ј.