Младите се селат поради пари, кариера, лош воздух и здравство – институциите без јасна стратегија да ги премислат

Освен финансиски причини, младите во последните години размислуваат да се отселат од државата и поради политичката ситуација, лошиот воздух, здравството, корупцијата, за да стекнат кариерен развој или поради состојбата со човековите права во Македонија. Во време на отворен свет и без бариери за миграции, младите не се двоумат, па само 8% од околу 1.200 испитаници сакаат да останат во државата.

Мрежата за спречување на одлив на мозоци денеска презентираше истражување меѓу млади, но и Анализа која покажува дека само 11% е исполнета Националната стратегија за соработка и спречување на одливот на млади и висококвалитетни кадри 2013-2020.

„Тоа укажува дека кај институциите постои многу мала ангажираност за овој проблем и дека ова не смее да остане на парче хартија, туку да стане и документ. Во 7-8 години, овој документ (стратегијата) бил парче хартија, немало суштински мерки“, нагласи Оливер Андреевски, претставник на Мрежата и еден до авторите на Анализата.

Конференција „Како институциите се справија со одливот на мозоци 2013-2020?“

Кон Стратегијата, Андреевски на денешната конференција рече дека е донесен само еден акциски план во 2014 година. Има неконзистентност на политиките, честа промена на позициите во Министерството за образование (МОН), недостаток на капацитети, желби, мотивација, пари, а свој удел има и политичката криза.

„Препораки кои ги добивме е тоа дека треба поголема вклученост на младите во стратегиите, долгорочно планирање и креирање на акциски планови. Потоа, конзистетност во политиките, за да може да се даваат одржливи решенија на проблемите“, рече Андреевски.

62% од младите не се согласуваат дека македонските државни институции, преку соработка, ги користат потенцијалите на висококвалификуваните иселеници.

 

За проблемот со одливот на мозоци, според младите приоритет се образованието, економијата, владеењето на правото и државната администрација.

Од друга страна, само 10,7% од младите што живеат во земјава знаат што воопшто нуди Стратегијата. Тие што се иселиле – само 5% слушнале за документот.

Маријан Ицоски, претставник на Мрежата програмски менаџер во Млади Инфо Интернационал, презентираше документ за јавна политика. Целта, вели тој, е да се дадат одредени решенија и мерки за проблемот со одливот на мозоци, пред се’ до МОН и Министерство за труд и социјала.

„Младите се незадоволни од образованието и бараат итни реформи и сметаат дека тоа е, пред се’, експеримент кој државата го врши сиве овие години. Така да, потребна е дигитализација на образованието, исто така, кариерни центри и центри за иновација на самите универзитети. Потребна е нова стратегија која ќе ги спои нашите млади со младите од дијаспората. Исто така, младите од дијаспората ќе ги натера да се вратат во Македонија и да инвестираат свое знаење, пари, да основаат бизниси итн“, рече Ицоски.

И други институции како Министерството за економија се повикани на проблемот, бидејќи младите бараат поголемо промовирање на актуелните мерки како Фондот за иновации и технолошки развој.

„Бараат и децентрализација на политиките, во смисла на отворање повеќе можности надвор од Скопје, а не Скопје како главен центар на случувањата во Македонија“, нагласи тој.

Од друга страна, Ицкоски смета дека ова не е проблем само на Македонија, но требаат позитивни примери како Естонија. Таа е целосно дигитализирана и е нарекувана „европскиот дигитален тигар“, со визија за млади што работат во ИТ индустријата, за т.н. дигитални номади, а има и бенефиции за отворање компании. Ирска, пак, 20-ина години работи на привлекување инвестиции од странство дома и да ги подобри условите за живот.

За жал, вели тој, нема прецизна бројка колку од младите заминуваат од земјава, бидејќи последниот попис е направен во 2002 година. Според Светска Банка, во последните 10 години околу пола милион граѓани се иселиле од Македонија, најголем дел млади. Во 2010 дури 29% од високообразованите млади од земјава живеат и работат во странство.

На прашањето на Радио МОФ како институциите да останат будни и стратегиите против иселување да не останат само проформа, Ицоски наведува повеќе конференции, организирање на млади, асоцијации, од студенскиот парламент… Исто така, поефективна синхронизираност меѓу самите институции, во смисла, секој да знае што да прави и кои обврски да ги исполни.

„Бараме средби и имаме средби со МОН. На конференција имаме и работни групи, кај што ќе креираме и насоки за новата стратегија. Очекуваме нивна отвореност и кооперативност за понатаму, со цел заедно со граѓанскиот сектор да се креира нова стратегија, таа да биде пореална“, рече Ицоски.

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Мрежа за спречување на одлив на мозоци“, составена од седум организации, а беше поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Бојан Шашевски