Младите развиваат еколошка свест во локалните заедници

Наталија Војдановска од Ресен и Енис Доко од Струга се двајца средношколци кои веќе неколку години учествуваат во еколошки акции во нивните градови. Тие се обидуваат да ги активираат локалните заедници од каде што доаѓаат за еколошките проблеми.

Заедничко за нив е тоа што се дел од неколкуте иницијативи кои беа дел од проектот на Институтот за комуникациски студии, во соработка со Македонското еколошко друштво, а денеска ги претставија своите активности за да ги инспирираат и останатите врсници да го следат нивниот пример.

Енис Доко

„Имавме многу добри реакции од луѓето. Ние го правевме тоа за да ги алармираме, за тие да се свесни и разберат дека фрлањето ѓубре е лошо“, вели Доко, додавајќи дека ќе продолжат со уште повеќе соработници и подобри резултати.

Жали што екологијата речиси и да не е застапена во училиште, бидејќи според него еко активизмот треба да биде дел од наставата.

„Секој граѓанин на Северна Македонија треба да се вклучи во акции за чистење на својата област. Ако само се фрла ѓубре, ќе им се врати“, посочи средношколецот од Струга.

Војдановска, пак, со нејзините врсници од преспанскиот крај сакале да видат на кој начин државата се грижи за своите вредности, така што ја посетиле државната администрација и гледале како се мери квалитетот на водата во Преспанското Езеро.

Преку активностите научила како може да се истражува квалитетот на водата и како изгледа компостирање, но и да ги користат социјалните мрежи за да ја активираат јавноста за локалните еколошки проблеми.

Но, ова не е прв еколошки проект во кој се вклучила средношколката. Таа веќе четири години е активен член на организацијата Еко герила, преку која имале доста акции за чистење отпад.

„Имаше луѓе кои ни се потсмеваа. ‘Зошто собирате ѓубре, не сте ѓубрари’. А, ние сето тоа го правевме доброволно, бидејќи бевме отприлика 10 луѓе кои сакавме да се грижиме за дворот на гимназијата каде што учиме, да биде средено, да нема ѓубре, да изгледа подобро. Направивме корпи од гуми, кои потоа беа исфрлени“, раскажа таа.

„Никој нема да застане ако има ѓубре на улица да фати и да го стави во корпа. Сите го одминуваат, а и го фрлаат. Би сакала да упатам порака до младите да се вклучуваат повеќе во еко активизмот, да не им е срам од ова“, додава Војдановска.

Граѓанска наука = Граѓански активизам

Катерина Русевска од Институтот за биологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје долги години работи со средношколци преку Клубот на биолози и нејзиниот впечаток е дека постои интерес кај учениците за еколошки теми.

„Вие сте толку креативни и инспиративни што е навистина штета што некогаш оние рамки што ги дава системот на образование ве ставаат под некој калап каде нема да можат да излезат вашите идеи. Сите активности преку неформалното образование и преку вакви проекти, се одлична можност за вклученост на младите од областа на животната средина и преку локалната заедница“, смета таа.

На ова се надоврзува и нејзината колешка Даниела Јовановска, исто така од Институт за биологија при УКИМ, која забележува дека луѓето не гледаат на природата како нивна.

„Често се случуваат инфраструктурни проекти и последиците ќе ги дознаеме дури отпосле. Но, сме имале право и можност да се информираме и делуваме многу порано, доколку сме имале интерес или поддршка од заедницата“, вели таа.

„На повеќе наврати има консултации со месни заедници, но често тој општ интерес изостанува затоа што ме малку заспани и некако си викаме дека ‘Па, не знам дали е на мене да реагирам“. Да, нас вас е да се активирате и на вас е да кажете затоа што ако вие не кажете, ќе каже можеби некој од горе, но обично таа реакција е задоцнета“, додава биологот Јовановска.

Поради ова, смета Русевска, процесот на запознавање со природата се прави од најмала возраст, а потоа и во формалното образование, како и секојдневните активности.

„Јас првпат отидов на една од истражувачките акции што ги организираше Истражувачкото друштво на биолози. Тогаш имав завршено втора година средно. Поминавме 20 дена на Шар Планина и јас тогаш за првпат ја слушнав идејата дека Шар Планина може да биде национален парк. Тоа беше 1995 година. Јас имав можност сега, пред неколку години, како научник да учествувам директно во дел од истражувањата за процесот на прогласување на Шар Планина за национален парк“, се потсетува таа.

Вели дека екологијата е комплексна наука, а во формалното задолжително образование не постои предмет екологија. Меѓутоа, како што посочи, нејзина сложеност овозможува да биде проткаена во повеќе предмети од областа на природните науки како биологија, хемија и физика.

Еколошките друштва во неколку наврати вклучувале и аматери во нивната работа. Според Јовановска, граѓанската наука како концепт се надоврзува со граѓанскиот активизам.

Сепак, забележува дека сите проекти што се прават мора да имаат одржливост.

„Не може да функционираат како засебни активности. Да, ние може да имаме проект од Европска Унија, може успешно да го спроведеме, може да отидеме на терен, ќе работиме и со локалните заедници, но ако тоа остане на таа година-две работа и ако потоа не продолжи, да се самоодржува, во тој случај практично ништо не сме направиле“, посочи Јовановска.

Огромна улога во заштитата на локалните заедници ја имаат токму локалците, заклучи таа.

„Професорите и научниците кои доаѓаат не живеат таму. Локалното население најдобро си го знае местото, најдобро си ги знае кои му се проблемите, предизвиците и треба да има најголема улога во неговото решавање“, истакна Јовановска.

„Зелен договор – нови перспективи за нашата планета“

Европската комисија усвои сет на предлози за да ги усогласи климатските, енергетските и транспортните политики на ЕУ со целите за намалување на емисијата на стакленичките гасови за барем 55 отсто до 2030 година, споредбено со нивото од 1990 година.

„Зелениот договор ги обележува новите перспективи за нашата планета и не се работи само за еден проект, туку сеопфатна стратегија. Затоа ставаме важност на вас младите“, рече шефот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Штефан Худолин во своето обраќање на конференција.

Овој договор, истакна тој, ги опфаќа сите аспекти на живеењето, од тоа како се хранат луѓето, па до тоа како се движат. Идејата, вели Худолин, е да ги засилат гласовите на младите.

„Иднината е навистина ваша. Имаме долг пат да го изодиме“, забележа тој.

Емилија Петреска