„Младински изборни муабети“ за најголемите проблеми на младите, но без претставници од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ

Младинската невработеност, иселувањето и младинското учество, беа темите на кои денес дискутираа петмина млади кандидати за пратеници на настанот „Младински изборни муабети“.

Дебатата организирана од НМСМ, која е дел од кампањата #ИЗБОРИСЕ на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), ги соочи младинските претставници на политичките партии и коалиции со најгорливите проблеми со кои се соочуваат младите во Македонија.

Дамјан Николовски, претседател на НМСМ, потенцира дека настанот е особено важен бидејќи е една од ретките платформи на кои најмладите претставници од политичките партии ќе дискутираат за младинските политики и изборите.

„Младите заслужуваат и мораат да бидат во центарот на програмите на политичките партии и сето она што го прават пратениците, затоа што се најголемиот ресурс којшто го има оваа земја. Долго време на нив се гледаше како на проблем кој треба да се реши, но крајно време е да се тргнеме од таа реторика и да ги прифатиме младите како партнери и како ресурс со којшто заедно ќе ги решаваме проблемите на оваа земја“, истакна Николовски.

Крис Хеншоу од Националниот демократски институт за меѓународни работи, смета дека има многу проблеми во Македонија денес, за кои младите луѓе треба да се сплотат, да ги разгледаат заедно и да помогнат да се решат.

„Ова се прашања за кои сите политички партии се согласуваат. Можеби имаат различни решенија за тие проблеми, но сепак се чести и постојат во Македонија“, вели Хеншо. „Ако решите да останете да создадете иднина за себе и за вашата нација, младинското учество е многу важно. Младите треба да се вклучат во градењето политики и добри практики заедно со оние коишто ќе ја водат државата“, истакнува.

Додава и дека живее доволно долго во Македонија, за да види дека е возможна промена, доколку младите почнат да работат заедно.

На настанот присуствуваа Хасан Синани (ДПА), Стефан Богоев (Коалиција за живот во Македонија), Александар Илиевски (Коалиција за промени и правда), Нурџан Асановска (БЕСА)и Андреј Јованчевски (Левица). Елмедина Дервиши (ДУИ) и Татјана Инчевска (Коалиција ВМРО за Македонија) откажаа пред самиот настан, додека претставник од ВМРО-ДПМНЕ не одговорил на повикот.

Говорниците потенцираа дека се потребни итни мерки и реформи за решавање на клучните младински проблеми и повикаа младите да излезат на претстојните парламентарни избори и да го остварат нивното право на глас, кое единствено може да доведе до нови промени со состојбите во државата.

Андреј Јованчевски од Левица, смета дека одговорност за младинските политики имаат пред се партиските подмладови.

„Тие се должни да станат полигони за политичка еманципација. Мислам дека не треба да учиме од постарите во политиката, туку доста селективно да учиме од нив. Не верувам дека тие поставија добри стандарди на политичка интеракција во Македонија, ниту ни покажаа што значи совесен однос во политичкиот мегдан којшто се потпира на некакво политички морал“, смета Јованчевски.

Богоев од СДММ вели дека трите теми на дискусија на денешната дебата, се толку горлив проблем пред се’, затоа што гласот на младите не може да се слушне.

„Секој чувствува по себе дека е тешко да се најде вработување, или пак по тој до него, бидејќи секој втор млад човек е невработен. За иселувањето, доволно е да се свртите низ Македонија, и да видите исклучени светла и празни куќи насекаде. Младите масовно се иселуваат, а тоа е резултат само на неможноста да се слушне нивниот глас и игнорантскиот однос кон нив“, вели Богоев.

Хасан Синани од ДПА вели дека неговата партија гарантира слобода на младите и перспективност.

„Ќе придонесеме за отворање на нови работни места, каде ќе се вработува според квалитетите, а не според партиски книшки“, рече Синани.

Нурџан Асановска од Беса рече дека нивната програма се концентрира на модернизација на наставните средини и стипендии за дообука и специјализација на младите квалитетни кадри со што би ги задржале во земјата и би го спречиле одливот на мозоци.

Дебатата „Младински изборни муабети“ беше организирана од Националниот младински совет на Македонија, во рамките на програмата на Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) во Македонија, финансиски поддржана од Националната фондација за демократија (НЕД).

Стефанија Тенекеџиева