Со отворен настан и дебата за Младинската гаранција, во Градскиот парк во Скопје младите го одбележаа Меѓународниот ден на младите. Настанот кој се одржа во саботата го организираа Агенцијата за млади и спорт заедно со Национален младински совет на Македонија, каде преку интерактивна дискусија, присутните имаа можност да постават прашања и да даваат предлози и идеи за Младинската гаранција, најавена како една од приоритетните мерки на Владата.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, ја претстави младинската гаранција како една успешна европска практика што се применува во западно европските земји.
„Тоа значи дека на младите ќе им понудиме вработување, доедукација и пракса“, рече Каевски, без да даде конкретни детали што содржи гаранцијата.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска пак нагласи дека ќе бидат направени бројни интервенции што ќе помогнат во активирањето на младите и нивно останување во државата.
„Но, не само да останат во државата туку и да го дадат максимумот преку својот ентузијазам, своето знаење, да ова општество стане подобро за живеење за сите,“ рече Царовска.
На потребата од соработка помеѓу сите засегнати страни кои учествуваат во донесувањето на младински политики се осврна и пратеникот Стефан Богоев.
„Меѓутоа, тоа не значи дека треба да ги носиме сите одлуки и сите решенија чисто по наше цврсто убедување без притоа редовно да се консултираме со вас, оние кои што ги претставуваме во Собранието“, рече Богоев.
Претседателот на НМСМ, Блажен Малески во својот говор се осврна на проблемите кои ги имаат младите во државата и потенцираше дека младинската гаранција нуди комплетна платформа каде што мерките нема да останат сами,.
На настанот беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија, како најголемо претставничко тело на младите и младинските организации во Македонија. Ваквата соработка потписниците очекуваат да донесе поголема вклученост на младите и младинските организации во процесот на креирање политики и донесување одлуки.
По завршување на дебатата беа доделени благодарници на младите научници и нивните ментори кои освоија бронзени медали на меѓународните олимпијади по физика, математика, хемија и информатика.