Млади правници започнуваат иницијатива за унапредување на правдата за децата во Македонија

Македонското здружение на млади правници (МЗМП), со финансиска поддршка од Европската Унија, започна со спроведување на иницијатива која има за цел да го унапреди системот за правда за децата во Македонија, преку воведување на практични механизми за заштита и усогласување со меѓународните и европските стандарди.

Проектот со наслов „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“ се спроведува во периодот јануари 2025 – декември 2026, и опфаќа три стратешки компоненти: зајакнување, следење и застапување.

Преку директна правна и психосоцијална поддршка, МЗМП ќе обезбеди бесплатна правна помош за деца во ризик, деца жртви и деца сторители на кривични дела, со цел реална примена на Законот за правда за децата, како и нивно зајакнување за права и обврски. Помошта значи правно застапување за деца во полициски постапки, особено во случаи каде што постојат потешкотии при назначување бесплатен адвокат од страна на државата, но и едукативни програми за животни вештини во воспитно-поправни установи и институции за социјална заштита, како алатка за ресоцијализација, личен развој и поддршка.

Иницијативата, исто така, се фокусира на системско следење на примената на законите што се однесуваат на децата, вклучувајќи го и Законот за правда за децата и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Со тоа ќе се идентификуваат предизвиците во постојната примена и ќе формулираат препораки за нивно навремено подобрување.

Дополнително, МЗМП ќе понуди асистенција и поддршка на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца во развој на индикатори кои ќе овозможат следење на Законот за правда за деца заради креирање релевантни годишни извештаи и предлози за унапредување на политиките, засновани врз податоци.

Во областа на застапување, проектот вклучува проценка и предлози за подобрување на пристапот до образование во институции за деца; подготовка на документ за јавна политика за воведување на Барнахус моделот во земјата како мултидисциплинарен пристап кој ги обединува полицијата, правосудството, социјалните и здравствените служби под еден покрив, со цел заштита на интересите на детето; организација на заеднички средби меѓу судии за деца и стручни служби за воедначување на судската пракса при изрекување мерки и/или санкции кон деца; како и техничка и логистичка поддршка на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за креирање локални акциски планови на општински совети за превенција на детско престапништво, со фокус на општините Пробиштип, Бутел и Охрид, како и воспоставување на модел за менторство.

МЗМП нагласува дека овие активности не се еднократна интервенција, туку сериозна и долгорочна заложба секое дете да има еднакви шанси, еднаква заштита и достоинствен третман, независно од неговата положба во системот.

„Нашата цел е да изградиме систем кој не само што ќе ги штити правата на децата, ќе ја прилагоди правдата кон нив, туку и ќе ги препознае како активни носители на права, со глас што треба да се слушне. Тоа можеме да го постигнеме само преку соработка, професионалност и усогласување со меѓународните стандарди“, истакнуваат од МЗМП.

Затоа, оттаму ги повикуваат сите релевантни институции, креатори на политики, професионалци од областа на правдата, социјалната и образовната заштита, како и граѓанското општество, да се вклучат активно во процесот на трансформација на правдата за децата.

„Само со заедничка работа можеме да изградиме праведен, достапен и човечки систем – во вистинска служба на децата“, сметаат младите правници.