Млади од С. Македонија и Грција се зближуваат преку дискусии за литературата и уметноста

Неделава во Валандово се 26 млади луѓе од Северна Македонија и Грција учествуваат на младинска размена „Уникатни можности за доживување на соработка”, чија главна цел е да ги истакне културните аспекти на билатералната соработка помеѓу младите луѓе особено вклучувајќи го локалниот контекст.

Од Младинска алијанса – Крушево, кои се организатори на настанот, велат дека токму важноста на вклучувањето на младите во процесот на помирување било поттик за развој на идејата да се изгради механизам за зближување на младите од двете земји и давање единствена можност за соработка и запознавање.

„Во текот на младинската размена 26 млади луѓе од двете соседни држави ќе имаат шанса да доживеат уникатни и незаборавни искуства со акцент на добрососедската соработка. Важно е да се истакне дека младите луѓе разгледувајќи различни традиции и култури, разбирајќи ги културолошките сличности и разлики, дискутирајќи ја литературата и уметноста на двете држави очекуваме да се постигне силна кохезија во групата млади луѓе. Очекуваме оваа младинска размена да ја зајакне резилиентноста на добрососедската соработка на овие две држави бидејќи денес младите се идните носители на одлуки во своите држави и истите се клучни за развојот на соработката“, велат од Младинска алијанса – Крушево.

Младинската размена започна на 29 август, а ќе трае до 4 септември. Размената се имплементира со финансиска поддршка на Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност и Општина Валандово.