Млади истражуваа што ги предизвикува проблемите со кои се соочуваат нивните врсници

Националистичките чувства меѓу средношколците, работата на кариерните центри за студентите, популаризацијата на руралните средини наспроти пренатрупеноста на градовите, како и врсничкото насилство на интернет и колку тоа е препознаено од надлежните – беа темите на кои седум млади истражувачи со месеци спроведуваа анкети и консултираа експерти, за синоќа да ги презентираат резултатите пред пошироката јавност.

Ангела Тасевска е студентка на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Појдовна точка за нејзиното истражување за функционирањето на кариерните центри е токму проблемот на кој наишла кога таа лично сакала да најде пракса.

Таа воопшто и не знаела дека постојат центри кои треба да ги поврзуваат праксата, знаењето, уметноста и високото обраование, односно да биде линк од академската заедница до пазарот на трудот. Со новите измени на Законот за високо образование во 2018, наместо да има на секој факултет центар за кариера, може да има само еден на ниво на универзитет.

Па така, испратила 161 барање за пристап до информации од јавен карактер до сите 23 факултети, а направила и онлајн прашалник.

„При анализата на барањата за пристап до информации од јавен карактер, дјдов до заклучок дека повеќето од факултетите, односно 18 имаат формирано центар за кариера, а 5 од нив воопшто немаат. Од 18, 6 имаат активен центар, а останатите имаат само одлука за формирање на центарот“, појасни Тасевска.

Како позитивен пример го посочи Економскиот факултет на УКИМ, кои располага со простор и активности, а има и вработено административно лице.

„Студентите, пак, 57 отсто од нив воопшто не знаат дали има центар за кариера на нивниот факултет. Сепак, 61 отсто од испитаниците би сакале да учествуваат во некоја од неговите активности“, надополни Тасевска.

Според неа, потребно е кариерните центри да се во склад со законските акти, да имаат вработено лице кое ќе биде одговорно за центарот и неговите активности, но и повеќе финасии од Ректоратот.

За средношколците, пак, еден од поголемите проблеми е етничката интеграција. Ова ги поттикнало Исаја Карадаковска, Емилија Божиновска и Мартина Георгиевска да направат истражување за националистичките чувства кај средношколците од Гостивар и Битола.

„Темата ја избравме главно од нашата фрустрација од секојдневието. Од факултет, друштво, фамилијарни собири – таму најмногу се среќаваат вакви теми. Некако сме помирени со тоа што возрасните се националисти, се научивме да живееме некако со тоа, но не треба, бидејќи таквите ставови се пренесуваат кај младите, главно преку формалното образование“, истакна Карадаковска за време на презентацијата на истражувањето.

Тие биле свесни за потенцијалот на младите како чинители во општеството, но и за тоа колку се тие погрешно насочувани и учени.

„Кај етничките Македонци, главно се сведува на страв дека или етничките Албанци ќе ни ја земат територијата, или ако не ни ја земат, поради нивниот висок наталитет, некако Македонците ќе станат малцинство во сопствената држава. Додека од другата страна, пак, кај етничките Албанци, често постои страв од бидување граѓанин од втор ред во нивната држава. Проблемот е што ваквите ставови  и идеи со години се туркаат преку формалното образование и ги има во учебници во основно и средно образование по историја“, посочи Карадаковска.

Разговарале со стручната служба во училишта во Битола и Гостивар за тоа дали некогаш се соочуваат со проблеми од етничка основа. Во нивната анкета, пак, учествувале 330 средношколци од 14 до 19 години.

Сепак, интервјуата не поминале како што очекувале. Секаде добиле одговор дека нема меѓуетнички проблеми, иако како што вели Карадаковска „секој ден на телевизија и на интернет гледаме дека имало тепачка“. Училиштата работат на проекти за меѓуетничка интеграција кои се сведуваат на учење на разните обичаи и за тоа како се прославуваат големите празници. И толку.

„Учениците во Гостивар се целосно сегрегирани“, нагласи таа.

„Постои специјален распоред, дизајниран кој вклучува пола час пауза измеѓу смените за буквално да нема никаква средба помеѓу учениците. Надлежните сметаат дека така имаат помалце проблеми, барем за време на настава. Но, на прашањето дали ги регулираат проблемите надвор од настава, само ни климаа со глава.

Овие млади истражувачи предлагаат комплетна замена на учебниците по историја со нови, каде ќе нема романтизирање и митологизирање на теоријата, а училиштата повеќе да работат на овие проблематики.

„Не само на превенција, туку и активно да разговараат со учениците и да пробаат да го спречат ова“, предложи Карадаковска.

Сепак, ова не е единствениот проблем со кој се соочуваат средношколците. Нова и недоволно истражена тема е врсничкото насилство на интернет.

„И еден лажен профил на Фејсбук може да направи иста таква штета како која било физичка повреда“, рече Симона Стојчевска, која во своето истражување вклучила 225 средношколци од повеќе градови.

„Можеби самото спроведување на истражувањето траеше 4 месеци, но идејата и приказната зад темата за мене трае 9 години, кога првпат бев изложена на посериозно врсничко насилство“, се потсети таа.

Според податоците кои ги добила, секој четврти средношколец поминува над 6 часа дневно на интернет, од кои најголем дел за време на часовите, а како најчесто користени апликации се Инстаграм и Фејсбук.

„Најчесто профилот на насилникот е од машки пол, со мотивација да се истакне, да биде во центар на внимание и љубомора. Доаѓа од друго училиште и подеднакви се можностите да станува збор за пријател или непознат. Во однос на жртвите, најчесто станува збор за поинтровертни, изолирани и можеби нови во одделението со помалку самодоверба“, објасни таа.

Оние што го посведочиле ваквото насилство, пак, ретко се спротивставуваат на насилникот, најчесто од страв дека и тие ќе станат жртва.

„Доколку имаме физичко насилство и ако некој помине и не направи ништо, тогаш е соучесник. Но, ако истото физичко насилство само го види на видео на интернет, тогаш не се чувствува како соучесник“,  посочи Стојчевска еден од заклучоците.

Генерално учениците се свесни и може да го препознаат насилството, но повеќе е препознанено офлајн насилството.

„Ниту родителите, ниту професорите знаат и умеат да го препознаат и поради таа неинформираност и неумеење да се забележи, адолесцентите многу често знаат да бидат повлечени, да чувствуваат дека нешто не е во ред ама не знаат зошто тоа е така“, гласи забелешката од психологот кој Стојчевска го контактирала при истражувањето.

Дури 74 отсто од испитаниците не знаат каде да пријават, а 63 отсто не се ни зборуваат за оваа тема.

Најголема доверба за пријавување, средношколците имаат кај родителите и пријателите, а институциите и стручните служби се на крајот на листата, посочи Стојчевска.

„Бидејќи не е во школскиот двор одбиваат да помогнат во таков случај, премалку се екипирани, еден психолог на 200 ученици, а се случува и по 1200 ученици на 1 психолог. Треба да се дигитални писмени за да препознаат, а родители да имаат отворен разговор и разбирање“, смета таа.

Како механизми за заштита ги посочи Дирекцијата за заштита на лични податоци и МВР, но и опцијата за пријавување на социјалните мрежи.

Во екот на миграција на младите, млади истражувачи се обидоа да го најдат потенцијалот во руралните средини. Елена Андонова е архитектка, а Ѓорѓи Димески е економист. Нивните познавања ги споиле за да увидат дали и што би ги натерало младите да се вратат од град како Скопје во помал град, или село.

„Според Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија од 2019 до 2019 година, 25 проценти од вкупното население живее во скопскиот плнски регион, со акцент на градот Скопје. Државата брои 8 региони од кои скопскиот по површина е најмал“, истакна Андонова.

„Ова предизвикува Скопје да стане жртва на пренаселеност, заситеност на градежен фонд, неконтролирано урбано ширење и висока густина на населеност“, додаде таа.

Млади истражувачи – презентација на резултати

Истражувачките трудови се изработени од страна на четири тима – седум млади истражувачи кои беа менторирани од искусни истражувачи, со поддршка од МОФ, и во изминатите неколку месеци работеа на своите трудови и ги креираа и финализираа истражувањата. Младите истражувачи обезбедија податоци на темите кои значајни за младите и тоа: врсничкото насилство, национализмот кај младите средношколци, работата и функционалноста на центрите за кариера и популаризирање на руралноста кај младите луѓе. Со истражувачката работа, овие млади истражувачи го продлабочија своете знаењето за креирање подобри младински политики и разбирање на проблемите и трендовите во општеството. На промоцијата секој тим кусо ќе го презентира своето истражување и ќе ги сподели главните наоди добиени од истражувањето како и заклучоците од истото. Изработените истражувања се :„Популаризирање на руралноста – Потенцијалите на руралното коработење и ефектот врз миграциските трендови на младите во Република Северна Македонија“ – Елена Андонова и Ѓорѓи Димески„Улогата и работата на центрите за кариера при факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Ангела Тасевска„Анализа на врсничкото насилство на интернет кај средношколците“ – Симона Стојчевска„Националистички чувства и ставови кај средношколците во Република Северна Македонија“ – Исаја Карадаковска, Емилија Божиновска и Мартина ГеоргиевскаПроектот има за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на МОФ со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество во корист на млади истражувачи, студенти и пошироката јавност во Северна Македонија. Младите и студентите немаат можност да прават истражувања и истражувачка академска работа поради ограничени ресурси – финансиски и менторски. Со овој проект беа искористени капацитетите на алумни стипендистите, со цел да ги споделат своите знаења со младите кои за прв пат се занимаваат со општествено релевантни истражувања и заедно да придонесат во креирање на квалитетни анализи кои ќе помогнат да се подобрат политиките или да се подигне свеста за важни прашања во Северна Македонија.

Posted by Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF on Tuesday, 16 July 2019

Заедно со Димески разговарале со фриленсери. Тоа се работници кои може да работат од каде било, не само за еден газда и без фиксно работно време Токму затоа, сметаат тие,  принципот на коработење во рурална средина би бил идеален за нив.

„Руралните средини се соочуваат со економско опаѓање. Генерално, затоа што се далеку, ориентирани се кон еден сектор, на пример земјоделието. Тоа бара напорна работа и многу од денешните генерации не сакаат да се ориентираат кон него. Знаеме колку е важен труд за да се добие одреден род“, спомна Димески.

Сепак, поттик за нивното истражување е трендот низ Европа, каде луѓето се враќаат во руралната средина. Според Димески, тоа се случува од проста причина што „им е преку глава“ од бучавата и пренатрупаноста. Нивната причина не е повеќе заработка на плус профит, туку сакаат баланс помеѓу професионалниот и личниот живот.

„Условите за коработење се клучни, просторот мора да обезбеди атмосфера за работа, тој да биде отворен 24/7 и да нуди одредени активности за слободно време“, забележа Андонова.

Но, тоа е заглавено уште од самиот почеток, бидејќи недостасува основна инфраструктура во овие средини.

„Мнозинството фриленсери не би се одлучиле да отворат сопствен бизнис во рурална средина во Северна Македонија. Тука би додала дека мнозинството фриленсери не би се одлучиле да отворат сопствен бизнис било каде во државата, барем такво беше расположението“, рече Андонова.

Ова е втора година како млади истражувачи имаа шанса да научат како да истражуваат теми кои се од интерес на младите, но и да ги надградат сопствените познавања. Проектот има за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на Младинскиот образовен форум со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество.

Со ова академската заедница може да има увид што се случува на терен, рече извршниот директор на Младинскиот образовен форум, Димитар Низамовски.

„Овие теми се пред сè од интерес на Младински образовен форум, но се надевам дека ќе токму овие истражувачки тимови и понатаму ќе се нафатат подлабоко и постручно да навлезат на темата“, рече тој.

Емилија Петреска